Мојот главен фокус останува на регионален систем на отпад и на имплементацијата на дополнителните мерки за чист воздух, вели министрот за животна средина на прес-конференција по повод две години Влада
Според него, со ребалансот на буџетот се зголемуваат средствата за финансирање на капитални инфраструктурни проекти од областа на животната средина, меѓу кои и скопската пречистителна станица
Министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа на прес-конференција по повод две години влада кажа дека по години пишување стратегии на хартија, конечно се воспоставува регионален систем за управување со отпад во државата, што вели дека е најголема реформа во оваа област.
„Веќе е обезбедена и испорачана значајна опрема за општините низ регионите – механизација и комунална опрема. Паралелно се подготвуваат тендерите за изградба на регионалните центри во Русино и во Новаци, додека во Свети Николе постапката е при крај. Истовремено, се подготвува и документација за изградба на трансфер станиците низ општините“,
кажа Хоџа.
За него, овој систем претставува долгорочно решение за дивите депонии и современо управување со отпадот. Вели дека целосно е посветен за да се запази предвидената динамика на реализација.
Осврнувајќи се на аерозагадувањето, министерот додаде дека еден од клучните чекори во борбата е усвојувањето на новиот Закон за контрола на индустриски емисии, со кој се воведуваат построги стандарди и поголема одговорност за индустрискиот сектор.
„Законот стапува на сила идната година, односно септември 2027 година, а во меѓувреме интензивно работиме на создавање услови за негова навремена и ефикасна имплементација. За почист воздух, инвестираме во замена на нееколошките системи за греење во јавните објекти. Истовремено, ги зголемивме и инспекциските надзори врз индустријата, затоа што превенцијата секогаш е клучна мерка“,
рече Хоџа.
Посочи дека започната е и подготовка на дигиталниот регистар за јавно достапни податоци за индустриските емисии, кој дополнително ќе ја зголеми транспарентноста.
„Интензивно работиме и на усогласување на законодавството со европските стандарди. Како дел од реформската агенда, Владата ги усвои подзаконските акти и Законот за климатска акција, кој сега е во собраниска процедура. Во различни фази на подготовка се и други клучни закони за заштита на природните ресурси: новиот Закон за природа, измени и дополнувања на Законот за животна средина, законите за Белчишко Блато и Студенчишко Блато“,
рече Хоџа.
Тој вели дека во наредниот период негов главен фокус останува на регионален систем на отпад и на имплементацијата на дополнителните мерки за чист воздух. Тврди дека со ребалансот на буџетот се зголемуваат средствата за финансирање на капитални инфраструктурни проекти од областа на животната средина, меѓу кои и скопската пречистителна станица.
„Тоа е гаранција дека во наредниот период нема да има застој во изградбата на она што го сметаме за темел во зелениот пресврт“
кажа министерот.
