Алкалоид АД Скопје го доби сребрениот медал „SILVER | TOP 15%“ за 2026 година доделен од „Eco Vadis“, со освоени 94 перцентили. Со ова признание Алкалоид се позиционира меѓу најдобрите 15 отсто од сите компании оценети на глобалната платформа „Eco Vadis“ во последните 12 месеци
Сребрениот медал претставува значаен напредок во однос на минатогодишниот бронзен медал „BRONZE | TOP 35 %“ и е уште една јасна потврда за долгогодишната посветеност на Алкалоид на одржливиот развој, одговорното работење, транспарентноста и континуираното унапредување на деловните практики. Ова признание дополнително ја потврдува зрелоста на системскиот пристап на компанијата во имплементацијата на ESG-стандардите и ја зајакнува довербата кај нејзините меѓународни партнери и соработници.
Според резултатите од оценувањето, најзначаен е пласманот на Алкалоид меѓу најдобрите три отсто од оценетите компании во индустриската категорија – Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати. Дополнително, во поединечните области Алкалоид се наоѓа меѓу најдобрите еден отсто компании во областа животна средина и еден отсто компании во областа трудови и човекови права, меѓу најдобрите 13 отсто во областа одржливи набавки и меѓу најдобрите 19 отсто во областа етичко деловно однесување.

„Eco Vadis“ е една од водечките глобални платформи за оценување на корпоративната одржливост, а нејзината методологија ги опфаќа областите животна средина, трудови и човекови права, етика и одржливи набавки.
Признанието од „Eco Vadis“ претставува дополнителен поттик компанијата и натаму да ги унапредува своите практики и да создава долгорочна вредност за вработените, партнерите, заедницата и за сите засегнати страни, во согласност со најдобрите меѓународни стандарди и практики.
Во годината во која компанијата го одбележува својот голем јубилеј – 90 години Алкалоид, ова е уште еден доказ за вредноста на знаењето, за моќта на посветеноста за создавање траен импакт и за важноста на упорноста во градењето доверба што трае низ годините.
