Во периодот од февруари до јуни оваа година во сообраќајни незгоди загинале 34 лица, што претставува намалување на бројот на жртви споредено со истиот период лани кога настрадале 55 луѓе, информира МВР
Од почетокот на примената на системот „Безбеден град“ се евидентирани над 130 000 сообраќајни прекршоци, а повеќе од 95% од нив се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, соопшти Министерството за внатрешни работи. Од МВР потенцираат дека податоците се показател оти најголемата опасност на патиштата не се камерите, туку неодговорното возење. Спроведувањето на „Безбеден град“, како што посочуваат од МВР, придонело кон намалување на бројот на жртви во изминатите пет месеци споредено со истиот период минатата година.
„Резултатите веќе го потврдуваат тоа. Во периодот од февруари до јуни оваа година, бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е намален за 40% – од 55 жртви во истиот период минатата година, на 34 оваа година. Продолжуваме со неговата имплементација низ целата држава, затоа што нашата цел не е да изрекуваме повеќе казни, туку да имаме помалку сообраќајни несреќи, помалку изгубени животи и побезбедни патишта за сите. ‘Безбеден град’ е технологија што спасува животи. Безбедноста нема алтернатива“,
се наведува во објавата на МВР.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски неодамна најави дека системот „Безбеден град“ наскоро ќе почне да евидентира и да испраќа казни за сторени сообраќајни прекршоци и до странските државјани.
„Системот ‘Безбеден град’ функционира и ќе се однесува за сите, без разлика дали е со македонски или со странски регистарски таблички. Брзо ќе бидете сведоци на целосна, комплетна имплементација на вториот чекор кој се однесува на достава на казните за оние кои управуваат странски регистарски возила“,
кажа Тошковски.
Системот „Безбеден град“ за автоматско евидентирање на сообраќајните прекршоци функционира од 1 февруари годинава, а до 22 јуни се евидентирани над 120 000 сообраќајни прекршоци.
