Левица ги дели 47-те амандмани кон ребалансот на Буџетот во повеќе тематски групи, а се однесуваат на области што, според нив, директно го засегаат животот на граѓаните како безбедност, инфраструктура, животна средина, земјоделие, домување, социјална заштита, образование, култура, спорт и институционална отчетност

Политичката партија Левица информира дека нејзината пратеничка група поднела 47 амандмани кон ребалансот на Буџетот за 2026 година. Со амандманите велат дека бараат суштинска прераспределба на јавните средства кон области што, според нив, директно го засегаат животот на граѓаните како безбедност, инфраструктура, животна средина, земјоделие, домување, социјална заштита, образование, култура, спорт и институционална отчетност.
Од Левица велат дека ребалансот што го предлага власта е финансиски неодговорен и политички разголен документ, а наместо да ги коригира слабостите, тој ги продлабочува. Амандманите тематски ги делат во повеќе групи.
„Во насока на контрола, отчетност и рационално користење на јавните ресурси, Левица бара воведување GPS-систем за службените возила, како мерка што треба да стави крај на неодговорниот, расипнички однос кон државниот имот. Во групата за безбедност, Левица предлага средства за противпожарна заштита, реконструкција и опремување на објекти во МВР, инфраструктура во Министерството за одбрана и АРМ, како и за центар за планинска безбедност, маркирање и спасување. Третата група се однесува на стратешката инфраструктура и енергетска стабилност. Амандманите за гасификација на ТЕЦ ‘Неготино’, Чебрен и хидросистемот Калиманци се насочени кон проекти што имаат долгорочно значење за државата. Во услови на енергетска несигурност и зависност од увозни и приватни интереси, државата мора да инвестира во капацитети што остануваат во јавна полза“,
велат до Левица.
Четвртата група амандмани се однесуваат на животна средина, санација на еколошки ризици и заштита на природните ресурси. За ова, Левица предлага средства за санација на депониите во Кочани, Кратово и Штип, санација на хидројаловиштата во Пробиштип, Македонска Каменица и Кратово, центар за рециклирање во Дрисла и други проекти.
Петтата група е за инфраструктура. Левица бара средства за канализациски системи и пречистителни станици, за велосипедска инфраструктура и за изградба на државни станови.
„Шестата група е насочена кон младите. Левица предлага фондови за млади лица и млади семејства во Штип, Велес и Кочани. Државата не може истовремено да жали за иселувањето и да нема буџетска политика што им создава услови на младите да останат. Прашањето на младите не се решава со кампањски пораки, туку со конкретни мерки за домување, поддршка и предвидлива животна перспектива. Седмата група се однесува на земјоделието и безбедноста на храната. Левица бара откупни центри во Кочанско, Светиниколско, Велешко и Струмица, финансиска поддршка за земјоделците и зајакнување на капацитетите на Агенцијата за храна и ветеринарство. Ова е неопходно затоа што земјоделецот со години е оставен меѓу нестабилен откуп, доцни исплати, увозен притисок и институции што реагираат задоцнето или воопшто не реагираат. Без организиран, соодветен и навремен откуп, како и функционален надзор, нема ниту стабилно домашно производство, сигурна храна, ниту, пак, сериозна аграрна политика“,
смета Левица.
Во осмата група Левица има амандмани за социјалната заштита, заштита на жените жртви на семејно насилство и јавното здравје, а деветтата група го опфаќа образованието, науката, спортот, културата и јавниот медиумски сервис.
„За крај, Левица предлага и отворање Конзулат во Корча и поддршка на македонските заедници во соседните држави преку Агенцијата за иселеништво. Ја повикуваме ДПМНЕ конечно да излезе од погубниот теснопартиски рефлекс и да покаже дека власта не ја разбира како плен. Ребалансот и Буџетот не се документи за инает, пресметки и демонстрација на мнозинска ароганција, тие, меѓу другото, претставуваат проверка дали власта има зрелост да прифати разумен предлог кога не доаѓа од нејзините редови, а доаѓа од потребите и барањата на граѓаните“,
велат од партијата.
