Сепак, како што додава, и да се остварат овие пресметки, Македонија останува држава со најниски цени на дизелот и бензините, иако станува збор за берзански производ
Во пресрет на новите цени на горивата кои треба да бидат соопштени утре, премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање денеска изјави оти очекува да им зголемување на цените на дизелот за околу два до два и пол денари по литар и на бензините за околу еден денар по литар.

Ваквите очекувања, рече тој, се врз основа на пресметките на Владата направени според движењето на цените на нафтата и на нафтените деривати на светските берзи во текот на минатата седмица.
„Врз основа на нашите калкулации имаме зголемување на цената на нафтата од околу 5-6 проценти на светските берзи во текот на минатата седмица и благо зголемување на цената на бензините за 2 до 3 проценти“,
изјави тој.
Сепак, како што рече, за конечните цени на горивата што граѓаните ќе ги плаќаат од полноќ меѓу понеделник и вторник, треба да се почека одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на РС Македонија.
Премиерот, додаде дека и да се остварат овие пресметки, Македонија останува држава со најниски цени на дизелот и бензините, иако станува збор за берзански производ.
