„Да биде кристално јасно за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ ги прифати сите барања на политичката партија Левица за новиот Изборен законик, а тие наместо еднаш да се покажат дека можат да стојат на договорот, односно на договореното, одбија да го потпишат консензуалниот договор за новиот Изборен законик, а потоа и го блокираат заедно со СДС“, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Мансиевски
Од опозициската партија, пак, тврдат дека тоа што гласањето на дијаспората сега се преставува како приоритет е само изговор на големите партии да не се направи измена во изборниот модел
Нарекувајќи ги „левичарите од Тему“ владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска ја обвини политичката партија Левица дека го блокира носењето на измените на Изборниот законик за пари и со намера да се претстават како тврдокорни.

Портпаролот на владејачката партија Валентин Манасиевски денеска на прес-конференција изјави дека иако со консензус од сите политички партии било прифатено барањето на Левица и нејзиниот лидер Димитар Апасиев за повеќе пари за финансирање на изборната кампања од Буџетот, тие денес го поништиле тој договор и сега велат дека проблемот е во изборниот модел.
„Пред граѓаните велат дека проблемот е во тоа што изборниот модел треба да биде со една изборна единица, нешто што и ние го поддржуваме, а зад завесата впрочем ги интересираат само пари. Да биде кристално јасно за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ ги прифати сите барања на политичката партија Левица за новиот Изборен законик, а тие наместо еднаш да се покажат дека можат да стојат на договорот, односно на договореното, одбија да го потпишат консензуалниот договор за новиот Изборен законик, а потоа и го блокираат заедно со СДС“,
рече Манасиевски.
Тој го оцени потезите на Левица и нејзиниот лидер Димитар Апасиев како површни пи-ар политики кои, како што додаде, се прочитани од граѓани и тоа го покажуваат и анкетите.
Од Левица, денеска, како неточни ги отфрлија изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека барањата на опозициската партија во Работната група за измена на Изборниот законик биле целосно прифатени.
Напротив, велат, нивните барања, пред сè оние кои се однесуваат на една изборна единица и укинување на платеното политичко рекламирање биле одбиени, иако партијата во текот на целиот процес за подготовка на Изборниот законик во Работната група била конструктивна и нејзината цел била постигнување консензус и имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
„Една изборна единица и нов Изборен законик беше причината поради која Работната група воопшто беше формирана. Една изборна единица не е ново барање на Левица измислено преку ноќ, за неа се говори со децении. Таа стои запишана дури и во партиската програма на ДПМНЕ. Пред само една година, Мицкоски лично апелираше за нејзино имплементирање како вистинска демократска реформа. Денес, истата таа идеја не само што ја нема во предложениот текст на законикот, туку целосно исчезна и од речникот на ДПМНЕ. Наместо реформа што обезбедува вреднување на секој глас, јавноста се занимава со тема која вчера не постоеше, а денес одеднаш е претставена како предуслов без кој нема изборни реформи и демократија – електронско гласање на дијаспората“,
се вели во соопштението на Левица.
Според опозициската партијата, преставувањето на електронското гласање на дијаспората како најважно прашање за македонската демократија е најголема измама на која инсистира ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тоа воопшто не било препорака на ОБСЕ/ОДИХР, ниту пак, било причина за формирање на Работната група.
Ова прашање, велат оттаму, било вметнато пред самиот крај на работата на Работната група и за него не се постигнал консензус.
Од партијата тврдат дека тоа што гласањето на дијаспората сега се преставува како приоритет е само изговор на големите партии да не се направи измена во изборниот модел.
„Ако веќе постојат црвени линии, тогаш тие треба да се повлечат околу правилата што ќе создадат поправеден изборен натпревар, а не околу изговорите што ќе го зачуваат постојниот систем. Денес тие го бранат и унапредуваат системот што три децении им овозможува нив, на истите партии, да ги пишуваат правилата за заштита на својот комодитет, а ние бараме една изборна единица и пофер медиумски простор за политичко рекламирање“,
велат од партијата Левица.
