Пожарот, пишуваат грчките медиуми, сега е ограничен на пошумена област, каде што пожарникарите се фокусирани да спречат повторно разгорување на огнот во двете фабрики – едната за рециклирање и другата за текстил, кои се уништени во стихијата
Околу полноќ противпожарната служба објави дека е уапсен 76-годишен маж под сомнение дека го предизвикал пожарот
Пожар што синоќа избувна во близина на Солун уништи два индустриски погони и предизвика евакуација на три села и еден дом за нега, пренесуваат грчките медиуми. Според денешниот извештај на „Катимерини“, кој се повикува на противпожарната служба, во текот на ноќта огнената стихија во општината Ореокастро, која е предградие на Солун, во голема мера е локализирана и повеќе нема активен фронт.

Сепак, како што се наведува, вкупно 160 пожарникари, со 52 противпожарни возила, пет копнени екипи, два авиони и два хеликоптери за гаснење пожари и понатаму остануваат во Ореокастро.
Пожарот, пишуваат грчките медиуми, сега е ограничен на пошумена област, каде што пожарникарите се фокусирани да спречат повторно разгорување на огнот во двете фабрики – едната за рециклирање и другата за текстил, кои се уништени во стихијата.
Противпожарните екипи вршат континуирани операции за гаснење и ладење на жариштата околу локациите. Во извештаите за пожарот нема информации за настрадани лица.
Интервенциите од воздух се очекува да продолжат во текот на денот со цел да се намали густиот чад и да се ограничи потенцијално испуштање опасни супстанции во атмосферата кои можат да бидат штетни по здравјето.
Локалните власти велат дека густ црн чад продолжил да се издига од уништената фабрика за рециклирање.
Градоначалникот на солунската општина Неаполи-Сикис, Симос Даниилидис, изјавил дека локалните жители слушале континуирани експлозии од индустриските објекти во текот на ноќта. Тој ја повикал јавноста да ги следи официјалните упатства поради токсичниот облак од чад што се проширил низ поголемиот дел од пошироката област на Солун.
Даниилидис, според „Катимерини“, рекол дека индустриската зона зона има мазива, нафтени производи, постројки за преработка на текстил и фабрика за рециклирање во која се складираат големи количини пластика.
„Уништувањето е обемно и во текот на ноќта имаше десетици, ако не и стотици експлозии“,
рекол тој.
Околу полноќ противпожарната служба објави дека е уапсен 76-годишен маж под сомнение дека го предизвикал пожарот. Според истражителите, лицето, за кое од полицијата навеле дека изгледало како да е под дејство на алкохол, признало дека искрите генерирани од работењето на неговото возило го предизвикале пожарот. Се очекува тој денеска да биде изведен на распит пред надлежното обвинителство.
Инаку, за време на гаснењето на стихијата биле повредени четворица пожарникари, од кои тројца се однесени во болница поради респираторни проблеми, додека друг е на лекување поради повреда на екстремитетите.
Поради пожарот, евакуирана е установа за нега во која биле сместени 157 лица со попреченост. Околу 120 жители кои можеле да се движат се префрлени во локална гимназија, додека другите се сместени во психијатриска болница, соопштиле официјални претставници на надлежните служби.
