Иран издаде ново предупредување до бродовите да се придржуваат до утврдените рути во Ормуската Теснина, истовремено повикувајќи ги САД и Израел да се воздржат од какви било напади за време на погребните церемонии
Во пресрет на погребот, клучно прашање останува дали Моџтаба Хамнеи, кој се наведува како нов врховен лидер и син на убиениот ајатолах, ќе се појави во јавност за да ја предводи молитвата за својот татко
Четири месеци по смртта на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, од 4 до 9 јули на повеќе локации во Иран и Ирак ќе се одржат погребни церемонии.

На настаните се очекува присуство на милиони луѓе.
Дипломатските активности се привремено прекинати додека Техеран се подготвува за погребните церемонии. По дводневни индиректни разговори меѓу САД и Иран во Доха, иранската делегација ја напушти Катар.
Катар, пак, кој настапува како клучен посредник, соопшти дека е постигнат одреден напредок и дека разговорите ќе продолжат по завршувањето на церемониите. Сепак, останува нејасно што точно било предмет на разговорите.
Според иранските претставници, фокусот бил на одмрзнување на иранските средства, додека американскиот портал „Аксиос“ објави дека САД се обидуваат да издејствуваат Иран да не воведува такси за бродовите што минуваат низ Ормускиот Теснец.
Иран издаде ново предупредување до бродовите да се придржуваат до утврдените рути во Ормускиот Теснец истовремено повикувајќи ги САД и Израел да се воздржат од какви било напади за време на погребните церемонии.
Во пресрет на погребот, клучно прашање останува дали Моџтаба Хамнеи, кој се наведува како нов врховен лидер и син на убиениот ајатолах, ќе се појави во јавност за да ја предводи молитвата за својот татко.
Според извештаите, тој е тешко повреден во истиот напад во кој загинале неговата мајка и сопруга. Од почетокот на конфликтот, Хамнеи не се појавува во јавноста и комуницира со поддржувачите исклучиво преку писмени соопштенија. Неговото евентуално појавување би претставувало прв негов јавен настап и би можело да се толкува како обид за зацврстување на неговиот политички легитимитет, додека неговото отсуство би можело да поттикне прашања за неговата здравствена состојба и реалната распределба на власта.
Иранските власти евентуалното негово отсуство го оправдуваат со безбедносни причини, но тоа дополнително ги поттикнува шпекулациите околу неговата состојба.
На погребните церемонии се очекува присуство на претставници од Кина, Индија и Пакистан, како и делегации од други држави.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека Техеран очекува гости од околу сто земји.
Повеќето земји, меѓу кои Кина и Индија, испраќаат високи функционери наместо највисоки државни претставници.
Според аналитичари, погребот за иранските власти претставува можност за демонстрација на дипломатските врски и проекција на стабилност и меѓународно влијание.
Хамнеи и членовите на неговото семејство се убиени кон крајот на февруари во почетната фаза од војната меѓу Иран, САД и Израел.
Иранските државни медиуми објавија дека телата на зетот на Хамнеи, Месбах-ол-Хода Багери, најстарата ќерка Сеједе Бошра Хосеини Хамнеи, снаата Захра Хадад Адел и 14-месечната внука Захра Мохамади Голпајгани се меѓу оние што се изложени во кончези во Големата џамија Имам Хомеини во Техеран.
Како што објави Си-ен-ен, сите ковчези се покриени со иранското знаме.
