Според полицијата, пријавените се товарат дека во периодот од 2022 година до 16 март 2025 година не постапувале согласно своите законски обврски и не презеле инспекциски надзор над угостителски објект во Кочани, со што овозможиле тој да продолжи со незаконско работење
Со тоа, не било спречено натамошно незаконско функционирање на дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што била овозможена и противправна имотна корист во вкупен износ од 1 255 977 денари
Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани поднесе кривична пријава против осуммина вработени во Државниот инспекторат за труд (ДИТ), поради сомнение за несовесно работење во службата, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Кривичната пријава е поднесена против С.Ш.С. (53) од Македонски Брод, С.Ѓ. (59) од Скопје, З.М. (64), С.З. (61), Т.К. (42), Н.Д. (43), Г.П. (41) и М.З.С. (44), сите од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата по член 353-в од Кривичниот законик“,
велат од МВР.
Според полицијата, пријавените се товарат дека во периодот од 2022 година до 16 март 2025 година не постапувале согласно своите законски обврски и не презеле инспекциски надзор над угостителски објект во Кочани, со што, овозможиле тој да продолжи со незаконско работење.
„Службените лица ниту еднаш не покренале и не воделе постапка за инспекциски надзор по службена должност за утврдување на фактичка состојба во правно лице – угостителски објект од Кочани и покрај тоа што во периодот од 13 години бил единствен објект од таков вид на подрачјето на општина Кочани“,
се вели во соопштението од МВР.
Со тоа, според пријавата, не било спречено натамошно незаконско функционирање на дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што била овозможена и противправна имотна корист во вкупен износ од 1 255 977 денари.
Во пријавата се наведува дека и покрај законската обврска, службените лица не покренале, ниту воделе постапка за инспекциски надзор по службена должност, со што не била утврдена фактичката состојба во правното лице – угостителски објект во Кочани.
Како резултат на тоа, како што наведува МВР, објектот продолжил со незаконско работење, а вработените биле изложени на ризици поврзани со безбедноста и здравјето при работа.
Пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
За пожарот се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар. Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во врска со пожарот во „Пулс“ покрај големиот судски процес, од кој рочиштата се одржуваат во судницата во Идризово, се водат уште два судски процеси, од кои во едниот се обвинети девет, а во другиот 13 полициски службеници.
