Студениот пречек на премиерката и министерот за здравство се во знак на на незадоволството од лошите услови во болницата во овој град кој има најголем број заболени со ковид според бројот на жители
Група лекари и медицински персонал во општата болница во Нови Пазар денеска им приредија студен пречек на српската премиерка Ана Брнабиќ и на министерот за здравство Златибор Лончар откако овој град стана жариште на коронавирус во земјата, а болницата се соочува со недоволна опрема.
Тие прво ги пречекаа свртени со грб, а потоа за време на обраќањето довикуваа изразувајќи незадоволство од условите во кои работат.

За цело време на посетата граѓани ги прашувале зошто не донеле опрема, исвиркувајќи ги и извикувајќи дека илјадници луѓе се заразени, а многу од нив и починале.
Министерот Лончар на дофрлувањата возврати дека не знаат што прават и дека со префрлување на вината за проблемите нема да придонесат за решавање на ситуацијата.

Брнабиќ, пак, ги обвини дека се политички активисти и им возврати со: „Не се уплашивме“.
„Не се уплашивме од овие дваесетина луѓе кои ни се закануваат и нѐ навредуваат. Ова е плодна почва за лажни вести и дезинформации“,
рече Брнаби, истакнувајќи дека не е вистинита веста дека во Нови Пазар имало повеќе од 30 погреби.
Насобраните граѓани за медиумите изјавија дека се огорчени поради тоа што државата не им помогнала, и дека се премолчувала „голема епидемија“ само за да поминат изборите. Исто така тврдат дека во овој град има повеќе починати од ковид отколку што се соопштува.
Здравствените работници од болницата во Нови Пазар се жалат дека немаат елементарни работи како топломери, апарати за притисок, како и тоа дека респираторите кои претседателот Вучиќ го донел во овој град се неупотребливи.
Од Фондацијата „Арка“ тврдат дека во болницата работат само двајца анестезиолози и дека пациентите лежат по ходници.