Со втората испорака на американските оклопни возила, кои се очекувa да пристигнат во земјава до крајот на месецот, информира министерот за одбрана, се заокружува испораката на 42 „страјкери“ од САД во рамки на договорот вреден речиси 339 милиони евра
Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави дека во понеделник на пристаништето во Солун се очекува да пристигнат останатите лесни оклопни возила „страјкер“ од САД, откако првата тура на американските оклопни возила беше испорачана во земјава во февруари годинава.

Со втората испорака на американските оклопни возила, кои се очекувa да пристигнат во земјава до крајот на месецот, како што информира министерот за одбрана, се заокружува испораката на 42 „страјкери“ од САД во рамки на договорот вреден речиси 339 милиони евра.
На денешната прес-конференција, на која даде отчет за сработеното во изминатите две години, Мисајловски рече дека со САД се потпишани и договори за набавка на лесно пешадиско вооружување, беспилотни системи „пума“ и „равен“, опрема за киберзаштита на единиците за Лесната пешадиска баталјонска група, опрема за киберзаштита на Министерството за одбрана, опрема за контролори за блиска воздухопловна поддршка…
Министерот информира дека со САД е потпишан и договор за системи за противoклопна борба „џевелин“, чија испорака би требало да почне наредната година. Мисајловски потсети и дека се стигнати артилериските системи „боран“ од Турција, како и дел од опремата „мистрал 3“, процес што се очекува да заврши до крајот на годината.
На прес-конференцијата се обрати и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој рече дека во тек се обуките за пилоти и техничари за воените повеќенаменски хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“, од кои првите два треба да пристигнат до крајот на годината.

„Пакетот предвидува обуката прво да биде таму, а како што ќе ги добиваме хеликоптерите, така дополнително ќе се дообучуваат пилоти и техничари. Тоа е во првата фаза. Кога ќе се стекнат со потребното искуство и потребните сертификати, тогаш нема никаков проблем таа обука да ја реализираме и тука“,
изјави началникот на Генералштабот на Армијата.
Лафчиски го оцени изминатиот период како исклучително динамичен и успешен за Армијата, посочувајќи дека во текот на минатата година припадниците на АРМ учествувале на вкупно 34 вежби, од кои осум во државата и 26 во странство. За најзначајна ја посочи вежбата „Блесок 26“ во чии рамки НАТО ја оцени лесната пешадиска баталјонска група на Армијата како борбено подготвена.
„Стекнувањето со статусот борбено подготвена е огромен успех, кој е резултат на јасна стратегиска насока и напорна работа. Ова е успех што се темели на одржлив и систематски процес на планирање, подготовка, обука, опремување и модернизација на Армијата, реализиран во согласност со највисоките НАТО-стандарди“,
рече Лaфчиски.
