На Фејсбук се споделува видео од граѓанин како со гумен чамец влегува во водата кај поплавениот подвозник на булевар „Србија“. Друг скопјанец, пак, скока од надвозникот во водата под него

Неколку часа по силното невреме што го зафати Скопје, жителите сè уште се соочуваат со проблеми во сообраќајот, а се санираат и штетите од поплавените простории.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на својот фејсбук-профил, преку видеообраќање, вели дека со брза, навремена и координирана реакција било спречено да има поголеми последици од невремето.
„Екипите на Град Скопје и јавните претпријатија се будни, мобилизирани и на терен. Така ќе остане во текот на целата ноќ, сè додека има потреба од интервенција и поддршка за граѓаните. Во постојана координација сме и со колегите градоначалници, како и со сите надлежни институции. Нема простор за паника, но има обврска за брза реакција и целосна посветеност“,
вели Ѓорѓиевски.
Скопјани, пак, преку социјалните мрежи реагираат на непроодноста на неколку клучни сообраќајници во градот.
Булеварот „Србија“, во делот од Цементарницата „Усје“ кон Општина Аеродром е затворен во двата правци.
На Фејсбук се споделува видео од граѓанин како со гумен чамец влегува во водата кај поплавениот подвозник на булевар „Србија“. Друг скопјанец, пак, скока од надвозникот во водата под него.
Сè уште е поплавен и подвозникот на булеварот „Гоце Делчев“ под плоштадот „Скендербег“.
Според реакциите на дел од скопјани, невремето ја покажало „вистинската слика на градежната офанзива“.
