Во објава на Фејсбук, Ѓорѓиевски вели дека по истекот на рокот за преселување на семејствата што живееле на трасата, започнува расчистувањето на булеварот АСНОМ од делот кај мостот, со што се отвора патот за негово ставање во употреба
Во изминатиот период додаде дека е надминат еден од најголемите предизвици – процесот на експропријација, а паралелно продолжува и експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот до неговото целосно завршување
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој е продолжение на булеварот АСНОМ и ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба, наскоро ќе биде ставен во функција, оценувајќи дека со години бил симбол на застојот во реализацијата на инфраструктурните проекти во главниот град.

Во објава на Фејсбук, Ѓорѓиевски вели дека по истекот на рокот за преселување на семејствата што живееле на трасата, започнува расчистувањето на булеварот АСНОМ од делот кај мостот, со што се отвора патот за негово ставање во употреба.
„Мостот ‘Генерал Михајло Апостолски‘ конечно ќе биде ставен во функција. Со години беше симбол на застојот. Кај скопјани остана запаметен како ‘мостот што водеше во дневна соба‘ или ‘мостот за ловење риба‘. Конечно, наскоро ќе биде мост што ќе ги поврзува луѓето, ќе го забрзува сообраќајот и ќе го менува секојдневието на граѓаните. Кога ја презедов одговорноста да го водам Скопје, ветив дека овој проблем ќе биде решен во текот на мојот четиригодишен мандат. Денес, со гордост можам да кажам дека тоа ветување го исполнуваме за помалку од една година“,
напиша тој на Фејсбук.
Во изминатиот период, додаде, е надминат еден од најголемите предизвици – процесот на експропријација, а паралелно продолжува и експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот до неговото целосно завршување.
Ѓорѓиевски им се заблагодари на семејствата кои покажале разбирање и соработка во процесот, како и на градоначалниците на Општина Гази Баба и Општина Аеродром, Бобан Стефковски и Дејан Митески, за поддршката во реализацијата на проектот.
„Благодарам на чесните, достоинствени и домаќински семејства кои покажаа разбирање и мудрост, кои подадоа рака таму каде што со години имаше застој. Благодарам за довербата, за човечкиот однос. Денес, тие не се дел од проблемот, туку решението“,
вели скопскиот градоначалник.
Според него, во изминатите месеци биле откочени повеќе инфраструктурни проекти, меѓу кои „Момин Поток“, булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и подземната сообраќајница на булеварот „Македонија“.
Посочи дека реализацијата на овие проекти е показател дека Скопје повторно се развива и се движи напред.
Изградбата на мостот „Генерал Михајло Апостолски“ започна во 2020 година, кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, во рамките на проектот за продолжување и проширување на булеварот АСНОМ и поврзување на општините Аеродром, Гази Баба и Центар.
Мостната конструкција беше завршена во наредните години, но неговото пуштање во употреба беше одложено поради нерешени имотноправни прашања и експропријација на објекти на трасата.
