Во пожарот се зафатени сува трева, лозја, дрвја од овоштарници, а настрадале и пчелни сандаци. Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, информира дека во пожарот зафатил и неколку викендички и стари куќи
„Ертактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) попладнево околу 16 часот интервенираше на големиот пожар што претпладнево избувна на крстосницата на експресниот пат Велес-Штип, а потоа се прошири на повеќе краци зафаќајќи поголема површина. Во гасење на пожарот интервенираа и неколку екипи од Територијалната противпожарна единица Велес, заедно со екипи ја Јавното комунално претпријатие „Дервен“.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, попладнево информира дека пожарот е ставен под контрола.
„Пожарот на територијата на Општина Велес, во атарот на селото Каласлари во насока кон Свети Николе, во моментов е ставен под контрола. Храбрите велешки пожарникари со поддршка од тим од Национални шуми успеаја да воспостават контрола врз овој пожар. Во гасењето поддршка даде и еден ‘ертрактор’ на ДЗС. Во овој момент наредив негово повлекување бидејќи нема потреба од ‘ертрактор’ понатаму да дејствува на овој пожар“,
изјави Ангелов.
Во пожарот се зафатени сува трева, лозја, дрвја од овоштарници, а настрадале и пчелни сандаци. Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, информира дека во пожарот зафатил и неколку викендички и стари куќи.
„Искрено жалам за настанатата штета и упатувам благодарност до ТППЕ Велес кои со 16 пожарникари вршеа професионална интервенција, до општествено одговорната компанија ‘Уни агро’ која со механизација придонесе во акцијата и до сите кои се вклучија во гаснење и локализирање на пожарот“,
порача градоначалникот на Велес.
