Раководството на УГД ги повика сите што имаат сознанија за корупција или други незаконски дејствија да ги пријават преку воспоставените механизми на Универзитетот или директно до надлежните институции
Од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска се огласија за случајот со приведувањето на професорка од оваа високообразовна установа, осомничена дека побарала поткуп од студент за полагање испит, посочувајќи дека целосно ги поддржуваат активностите на надлежните институции во борбата против корупцијата.

Во реакцијата на Универзитетот се наведува дека во академската заедница нема место за лица кои ја злоупотребуваат својата позиција, го нарушуваат интегритетот на образованието и ја изневеруваат довербата што им е дадена.
„Како универзитет имаме нулта толеранција за корупција“,
се вели во реакцијата од Универзитетот.
Оттаму велат дека ниту еден систем не е целосно имун на поединци подготвени да го прекршат законот, но нагласуваат дека токму затоа е неопходна решителна и неселективна борба против корупцијата.
„Целосно ги поддржуваме активностите на надлежните институции во борбата против корупцијата. Само со професионални, законити и неселективни постапки може да се откријат, санкционираат и трајно да се отстранат ваквите појави од академскиот систем“,
додаваат од УГД – Штип.
Раководството на УГД ги повика сите што имаат сознанија за корупција или други незаконски дејствија да ги пријават преку воспоставените механизми на Универзитетот или директно до надлежните институции.
„Веруваме дека токму ваквите постапки се единствениот пат кон посилни, поздрави и покредибилни институции. Ги повикуваме сите кои имаат сознанија за корупција или други незаконски дејствија да не молчат“,
се вели во соопштението.
Според Универзитетот, само преку навремено пријавување и доследно почитување на законите може да се изгради систем во кој знаењето, чесноста и личниот интегритет ќе бидат единствени критериуми за успех.
„Оние што ја злоупотребуваат довербата што им е дадена нема да имаат место во академската заедница“,
стои во реакцијата од УГД – Штип.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска сооштија дека професорка на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е лишена од слобода под сомнение дека побарала и примила поткуп од студент за да му овозможи да положи испит.
Според информациите, станува збор за 39-годишната Т. А. од Штип, вработена како професорка на Универзитетот.
Во описот за случајот се вели дека таа на 22 јуни од студент побарала 300 евра за да положи испит кој требало да го полага вчера.
