Ќе бидат опфатени 74 групи со околу 600 до 700 основни прехранбени производи кои се дел од потрошувачката кошничка
Врз основа на добиените резултати институциите, додаде дека ќе можат да утврдат дали постојат неоправдано високи маржи и каде е потребна интервенција
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека неделава ќе се одржи состанок со доставувачите и производителите на кој ќе се разговара за можностите за намалување на цените на основните прехранбени производи, по минатонеделната средба со трговците.

Одговарајќи на новинарско прашање, Дурмиши рече дека сè уште не може да прецизира кога ќе биде завршен извештајот од контролите што ги спроведува Пазарниот инспекторат за причините за растот на цените, но очекува тоа да се случи за околу еден месец поради обемноста на анализата.
Според него, ќе бидат опфатени 74 групи со околу 600 до 700 основни прехранбени производи кои се дел од потрошувачката кошничка.
Анализата ќе ги следи цените низ целиот синџир, од производителот до крајниот трговец.
„Ќе се врши детална контрола на основните прехранбени производи, од набавната цена кај производителот до продажната цена кај трговецот, за да се утврди кои фактори влијаат врз формирањето на цените и каде има најголеми зголемувања“,
кажа тој.
Врз основа на добиените резултати институциите, додаде дека ќе можат да утврдат дали постојат неоправдано високи маржи и каде е потребна интервенција.
Според него, досегашните анализи покажуваат дека кај дел од производите каде имало административни ограничувања на маржите не се забележани енормни поскапувања без економска оправданост.
„Минатиот пат кога донесовме ограничување на маржите, во временските периоди кога имавме празници, трговците, знаејќи точно кои производи се трошат повеќе, ја зголемуваа профитната бруто-маржа до 20, до 30 отсто. И сега се гледа истото, профитната бруто-маржа, каде што административно може да интервенираме. И гледаме дека таму профитната бруто-маржа е од 5 до 10 отсто, не е зголемена. Тоа подразбира дека нема енормно зголемување на цените без економска оправданост. Но пак ќе направиме детална анализа од производителот, продажната цена, доставувачот, до дистрибутерот и до трговецот на крајот. Значи, ќе направиме детална анализа, ќе гледаме каде треба да ургираме или со кој треба да се сретнеме, да отвораме состанок и да им кажеме ако случајно има поголема маржа од 10 или 15 отсто“,
рече Дурмиши.
Во отчетот за работата на Министерството, Дурмиши истакна дека една од клучните задачи е заштитата на животниот стандард на граѓаните преку мерки за стабилизација на пазарот, меѓу кои ограничување на трговските маржи и воведување потрошувачки кошнички.
Посочи дека Владата ќе продолжи со координација со институциите, производителите, трговците и стопанските комори со цел навремено да се спречат пазарни нарушувања и да се обезбеди стабилна економска средина.
„Доколку околностите повторно наложат интервенција за заштита на животниот стандард на граѓаните, ќе ги искористиме сите законски механизми што ни стојат на располагање“,
кажа тој.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека цените на основните прехранбени производи се негов личен приоритет и дека активно работи на анализа на производите што влегуваат во потрошувачката кошничка.
„Добро е што Евростат излезе со параметар според кој основната потрошувачка кошничка во Македонија е убедливо најевтина во Европа и изнесува околу 49,7 отсто од европскиот просек. Дали е тоа доволно? Не е, но тоа ги демантира сите оние што не сакаат оваа држава да успее“,
рече премиерот.
Најави детална анализа на околу 600 до 700 производи кои се следат статистички, со цел да се утврди кои фактори влијаат врз нивните цени и каде има простор за дополнително намалување.
Според Мицкоски, доколку е потребно, ќе се анализира секој производ и секоја фактура поединечно, а резултатите од процесот, како што рече, треба наскоро да бидат видливи на терен.
„И јас лично, еве ви велам, работам на методологија на идентификување на овие 600-700 производи, кои статистички се мерат, и директно на нив ќе одиме. Ако треба, фактура по фактура, еден по еден производ ќе ги анализираме каде можеме да покачиме и како можеме да покачиме. Ова е темелна операција што лично ја водам и очекувам многу бргу да има резултати ко ќе бидат видливи на терен“,
кажа тој.
Минатата недела по средбата со претставниците на најголемите синџири маркети соопшти дека е дефинирана цел годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи во јули годинава да биде под 3 проценти, а најави средба во таа насока и со производителите и дистрибутерите.
