Новите информации и документи што излегуваат во јавноста, според партијата, отвораат сомнежи за начинот на кој биле реализирани одредени проекти и за користењето на средства од европските фондови. Наместо решавање на инфраструктурните проблеми на граѓаните, оттаму сметаат дека зад проектите стоеле договори и финансиски интереси од кои профитирале одредени компании
Порачаа дека нема да дозволат случајот да биде затворен без целосно расчистување на сите околности. Оттаму бараат темелна истрага во која ќе бидат проверени сите договори, исплати, компании и евентуални политички, бизнис или семејни поврзаности поврзани со проектот
Од партијата Влен денеска соопштија дека поранешната власт на Демократската унија за интеграција (ДУИ) не успеала да обезбеди канализациски систем во Зајас и покрај долгогодишното управување со институциите и значителните финансиски ресурси.

Оттаму посочи дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во текот на 24-годишното владеење не успеал да обезбеди канализациски систем ниту за своето родно место Зајас.
„Во 24 години власт, Али Ахмети не успеа да обезбеди канализација ниту за своето родно место, Зајас. Имаше власт, министри, директори, општини и милиони евра на располагање. Канализација немаше“,
велат од партијата.
Во денешното соопштение оттаму посочија дека новите информации и документи што излегуваат во јавноста отвораат сомнежи за начинот на кој биле реализирани одредени проекти и за користењето на средства од европските фондови.
Според Влен, наместо решавање на инфраструктурните проблеми на граѓаните, зад проектите стоеле договори и финансиски интереси од кои профитирале одредени компании.
„Секој нов факт што излегува во јавноста сè повеќе ја руши маската на ДУИ. На Албанците им продаваа ‘каузи‘, а зад затворени врати се договарале шеми, се вклучувале домашни компании и се вртеа милиони евра од европските фондови. Жителите чекаа канализација, а некој друг си ги чекал исплатите“,
велат од партијата.
Жителите на Зајас, според партијата, заслужуваат одговори за тоа каде завршиле средствата наменети за проектот и зошто населеното место, со години останало без соодветен канализациски систем.
„Колку повеќе се одмотува клопчето, толку повеќе се отвараат прашањата: Кој ќарил? Кој ги внел компаниите во проектот? Кој молчел? И дали истрагата ќе стигне до секоја алка во овој синџир? Албанците заслужуваат да ја знаат вистината. Заслужуваат да знаат каде завршиле милионите, кој профитирал од проектот и зошто Зајас цели 24 години остана со септички јами наместо со канализациски системи“,
се вели во партиското соопштение.
Отаму посочија и дека Зајас веќе нема да биде заложник на ветувањата на ДУИ.
„Она што тие го оставија заглавено во кал 24 години, сега конечно се става на вистинскиот пат“,
додаваат од Влен.
Од Влен порачаа дека нема да дозволат случајот да биде затворен без целосно расчистување на сите околности. Оттаму бараат темелна истрага во која ќе бидат проверени сите договори, исплати, компании и евентуални политички, бизнис или семејни поврзаности поврзани со проектот.
„ДУИ зад себе остави долгови и сомнежи. Сега е време да понесе одговорност“,
велат од партијата.
