Портпаролот на локалната полиција изјави дека истражителите веруваат оти „не станува збор за фемицид, ниту, пак, дека случајот вклучува политичка заднина или нешто слично. Напротив, станува збор за трагедија на пошироко семејство“

Четири жени и двајца мажи се убиени во пукотница во дом за социјална помош за млади во северна Германија, соопшти полицијата. Уапсени се две лица, вклучувајќи го и осомничениот напаѓач.
Инцидентот се случил вчера попладне во Штаде, град во близина на пристанишниот град Хамбург. Полицијата соопшти дека жртвите, вработени во засолништето, биле застрелани во зградата. Петмина починале на местото на настанот, а шестиот починал во болница. Полицијата соопшти дека бројот на жртви може да се зголеми.
Ројтерс, повикувајќи се на официјален претставник на германската полиција, пишува дека наводниот напаѓач бил 45-годишен маж, германски државјанин со турски корени. Тој бил во спор за старателство над својата тримесечна ќерка, соопшти полицијата.
Портпаролот на полицијата претходно за агенцијата Франс прес изјави дека главниот сторител и неговата придружничка се уапсени, додека во посебно полициско соопштение се споменува дека е приведен и трет осомничен.
Портпаролот рече дека истражителите веруваат оти „не станува збор за фемицид, ниту пак вклучува политичка заднина или нешто слично“.
„Напротив, станува збор за трагедија на пошироко семејство“, наведе тој.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека е шокиран од веста за случајот и изрази сочувство додавајќи дека многу луѓе „кои сакале да им помогнат и да ги заштитат другите биле убиени или повредени“.
„Моето сочувство е до жртвите и нивните семејства“,
рече тој заблагодарувајќи им се на полицајците за нивната брза реакција.
