Трајко Славески наброја што планира да направи ВМРО-ДПМНЕ по изборите доколку ја преземе власта: итен ребаланс на буџетот, еднократна помош за економски загрозените граѓани, реализација на сите капитални инвестиции…
Преодна стратегија за справување со здравствено-економската криза презентира денеска Трајко Славески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Стратегијата, како што рече, се однесува на мерки поврзани со консолидирање на јавните финансии и финансиско консолидирање на земјата, како и мерки кои се однесуваат на финансиска поддршка за граѓаните кои на некој начин се погодени од кризата.
Славески наброја што планира да направи ВМРО-ДПМНЕ по изборите, доколку ја преземе власта:
- Итен ребаланс на буџетот со кој ќе се изврши целосно кратење на сите непродуктивни и неприоритетни трошоци кои не се во насока на справување со кризата и немаат дополнителна додадена вредност за економијата;
- План за реализација на сите планирани капитални инвестиции за 2020 година, со цел стимулирање на домашната економија преку поддршка на градежниот сектор и сродни на него сектори;
- Државата ќе ја разгледа можноста за покривање на дел од трошоците за камата за најзагрозените граѓани до крајот на 2020 година;
„Мерката што се однесува на еднократна парична помош за една ограничена категорија на граѓани преку платежни картички е проблематична од повеќе аспекти. ВМРО-ДПМНЕ смета дека поддршката треба да биде многу посеопфатна, со оглед на фактот што речиси сите граѓани во Македонија се економски и финансиски погодени од кризата. За таа цел, мерката ќе биде проширена и поедноставена со цел поголем број граѓани да добијат парична помош од државата за полесно справување со кризата“,
рече Славески.
Во таа насока, тој најави:
- Дополнителна еднократна парична помош во висина од 100 евра за сите вработени лица во државата чии примања не надминуваат 15.000 денари;
- Еднократна парична помош во висина од 150 евра за сите невработени кои не добиле помош со мерката за национални платежни картички;
- Обезбедување еднократна парична помош во висина од 200 евра за сите кои ги изгубиле своите работни места поради кризата.