Објавата на лидерот на СДСМ следува откако претходно денеска тој најави дека партијата ќе го блокира носењето на Изборниот законик бидејќи, како што рече, содржи решенија кои се недемократски и отвораат простор за злоупотреба и контрола на изборниот процес
По најавата дека СДСМ ќе го блокира носењето на Изборниот законик, лидерот на партијата и пратеник Венко Филипче вечерва на Фејсбук објави дека пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија подготвува 10 000 амандмани во врска со предложените измени на ИЗ.

„Наскоро граѓаните ќе видат како изгледа криминален закон. Нема да дозволиме изборна кражба.10 000 амандмани спремни“,
пишува Филипче на Фејсбук.
Во прилог на објавата, тој сподели и фотографии од пратениците на СДСМ, кои ги подготвуваат амандманите.
Објавата на Филипче следува откако претходно денеска тој на прес-конференција најави дека СДСМ ќе го блокира носењето на предложениот Изборен законик бидејќи, како што рече, содржи решенија кои се недемократски и отвораат простор за злоупотреба и контрола на изборниот процес.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со најавата за блокада на Изборниот законик, СДСМ создава алиби за следниот изборен пораз или евентуално за бојкотирање на следните парламентарни избори.
