Докторката Ана Џарева од Брзата помош – Скопје вели дека лицата претежно се жалат на болки во градите, но има и такви што чувствуваат вртоглавици и имаат други симптоми
Високите температури во главниот град уште од утринските часови предизвикаа неколку колапси на јавни места. Од Службата за итна медицинска помош во Скопје потврдуваат дека имаат зголемен број повици, а само утрово се регистрирани повеќе од пет случаи на лица кои се онесвестиле на отворено, главно биле повозрасни.

Доктор Ана Џарева од Брза помош – Скопје, во изјава за МИА, посочува дека за помош и медицински совети сè почесто се јавуваат и помлади граѓани што тешко ги поднесуваат горештините.
„Претежно лицата се жалат на болки во градите, но има и такви кои чувствуваат вртоглавици и имаат други симптоми“,
појаснува доктор Џарева.
Таа информира за случај кај 37-годишна жена на која ѝ се слошило додека била во патничко возило. Покрај здравствените интервенции поврзани со времето, Брзата помош бележи и зголемен број повици за сообраќајни несреќи, меѓу кои и за повреден велосипедист кој бил удрен од автомобил.
Доктор Џарева ги повторува препораките за заштита од жештините. Дел од нив се да не се излегува надвор во периодот од 11 до 17 часот и ако е можно, сите обврски да се одложат за наутро или навечер. Доколку излегувањето е неизбежно, задолжително да се носи лесна и светла облека, капа или шапка и очила за сонце.
„Да се пијат големи количини вода и природни сокови, да се избегнува тешка, мрсна храна, алкохол и пијалаци со кофеин. Наместо тоа, да се консумира лесна храна – овошје, зеленчук и свежи салати“,
вели докторката.
Исто така, редовно да се зема терапијата препишана од матичните лекари, а да се внимава и на тоа да не се излегува веднаш од климатизирана просторија, туку да му се даде време на организмот да се приспособи.
Од Итната помош дополнително апелираат и до возачите на максимална претпазливост во сообраќајот бидејќи високите температури ја намалуваат концентрацијата.
