Тоа би важело во периодот од април до септември, вели Ацо Ристов, но нагласува дека анализите се во тек и дека допрва ќе се носат одлуките – дали ќе има промени во блок-тарифите и дали и како би се смениле временските интервали со евтина струја. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1

360°: Премиерот неодамна рече дека се работи на тоа, со новата одлука за цената на струјата од почетокот на идната година, граѓаните во просек да плаќаат од 5 до 10 отсто пониски сметки за електрична енергија. Дали е тоа остварливо?
Ристов: Видете вака, ова сепак е политичка изјава на премиерот, меѓутоа сигурно го темели тоа врз некои свои видувања. Прерано е некој да може шест месеци однапред да направи таква математика. Може со моменталната состојба во енергетскиот систем, со пазарните околности, да се даде таква една изјава. Меѓутоа, за тоа да се оствари, мора да се направи таква математика во којашто, знаете вие во периодот пред нас до Нова година, не е само производството на електрична енергија, ние треба сега да ги регулираме и дистрибуцијата на електричната енергија, преносот на електричната енергија, којшто исто така е голем фактор во целата приказна. И да ги инволвираме сите оние производи коишто моментално ги имаме на пазарот, коишто станаа динамични, она целото време што го зборуваме – енергијата од фотоволтаиците како да ја внесеме во систем. И тоа може ќе биде намалување, меѓутоа математиките сега се прават. Може ќе биде сезонско намалување, може ќе биде во одредени месеци, во одреден период од денот… Сите математики ги ставаме сега во оптек, затоа фативме толку рано да се занимаваме со оваа проблематика, да имаме простор тие три-четири месеци да ги направиме сите анализи. Меѓутоа, уште еднаш потенцирам, исклучиво е идејата како да се дојде до поевтина енергија за потрошувачите.
360°: Во моментот имаме систем на т.н. блок-тарифи. Четири во висока тарифа и една ниска, практично пет цени на електричната енергија за домаќинствата зборуваме. Притоа, да речеме, во првиот блок цената е за 4,5 пати пониска отколку во четвртиот блок. Вие во дел од изјавите што ги дававте јавно, најавувавте можност за ревизија на овој систем на блок-тарифи. Дали од денешна перспектива Ви е појасно дали ќе има ревизија или ќе си останат овие 4 плус 1?
Ристов: Ние веќе работиме на ова. Значи, интензивно работиме на нов модел на тарифи. Меѓутоа, дали ќе биде применлив, ќе знаеме кога ќе го затвориме моделот. Бидејќи многу анализа има во оваа работа, не е наивна. Почнувајќи од времето во кои блокови кога се користи таа енергија, берзата во кој момент испорачува, производителите, регионалните пазари… Бидејќи се сменија работите, тоа почесто го потенцирам во последно време – она што беше правило пред пет години, сега веќе не важи. Порано беше евтината тарифа навечер, сега електричната енергија на пазарот е најскапа навечер. И обратно, преку ден е најевтина во периодот од 11 до 15 часот. Така што, ова бара суштинска анализа, да се исцрпат сите можности… Зошто на луѓето да не им се понуди, доколку може во одреден период, да користат поевтина електрична енергија којашто ја има на пазарот? На тој начин и производителите ќе ги спасиме.
360°: Колку е фер во прв блок цената да биде 4,7 денари за киловат-час, а во четвртиот блок – 19,2 денари за киловат-час или 4,5 пати поскапа?
Ристов: Видете, тука нема фер. Ова е математика, односно одлука којашто ја направиле за време на енергетската криза кога беше инпут да не се троши електричната енергија. Идејата беше тогаш, пошто беше екстремно висока цената…
360°: : Да се штеди.
Ристов: Да се штеди. Овие блок-тарифи се за штедење направени. Односно да го казните некој ако троши многу, што во светската теорија на потрошувачи е невозможно. Секогаш она што се троши најмногу, треба да биде најевтино. Меѓутоа овде, блок-тарифите биле направени како да се заштити во тој период. Меѓутоа, таа енергија којашто требаше ЕСМ да ја испорачува цело време, 100% на универзалниот снабдувач, да може да ги покрие сите трошоци и да може да опстанат сите потрошувачи бидејќи доколку би била пазарна во тој момент, мислам дека ќе настанеше хаос.
360°: Според Вас, дали овој пристап даде резултат?
Рисотв: Во тој период – да, во тој период даде резултати бидејќи еве 4-5 години ова функционира, нема некои реакции поголеми. Меѓутоа, гледате сега веќе почнува да реагира и ЕСМ, почнува да реагира и државата бидејќи ова вака на долги… ова има и друга работа. Ова субвенционирањето на електричната енергија ние имаме проблеми со Европската Унија, со Енергетската заедница, со СИБАМ-от, тука ќе мора да се менуваат полека работите. И мислам дека тоа е идејата сега што ја најави и премиерот, дека од Нова година може ќе има одлука кајшто само 70% од енергијата ЕСМ ќе испорачува кон универзалниот потрошувач, а 30% ќе се купува од пазарот. Бидејќи сега на пазарот имате поевтина енергија отколку од ЕСМ. Еве малите потрошувачи погледнете ги, математиката кажува дека многу од нив веќе имаат подобри цени на слободен пазар отколку од ЕВН.
360°: Да, таква е најавата дека, меѓу другото, и поради преземени обврски со Реформската агенда, од Нова година Електрани ќе обезбедуваат само 70% за универзалниот снабдувач, не 100% како сега, а другите 30% ќе треба да се бараат на берза. Но, и Електрани сметаат на таа евтина струја кога ги прават сопствените математики на трошоци, на тоа кога да произведуваат, кога да не произведуваат, кога да купат…
Рисотв: Да, ама тоа е и филозофијата на менаџирањето со електричната енергија. Значи, ЕСМ треба да биде мотивирана, кога има на пазарот – а знаете, ние имаме берза, МЕМО работи многу добро сега – евтина електрична енергија, ЕСМ би требало таа да ја купува од производителите (малите производители на фотоволтаици) и таа да ја дава на универзалниот снабдувач. Ако ја купува на берза за 40 или 50 или 30 евра, а таа е обврзана за 65 евра да ја продава, значи веќе има математика. Така што, мислам дека ЕСМ и го работи ова во периодов, затоа нам ни требаат сега податоците да видиме во овој изминат период ’25-та, ’26-та како целото ова се менаџира, со кои цени се менаџира. Па заедно… видите, овие тарифи не ги носи само регулатор. Ние сме крајната инстанца, меѓутоа тука ќе постојат разговори меѓу нас, Министерство за енергетика, ЕСМ, Влада… сите мора да бидат. Ова е сериозен пакет којшто се поместува, меѓутоа сакаме да најдеме начин како да дојдеме да ја користиме македонската енергија, а да му ја понудиме на крајниот корисник поевтино.
360°: Да се обидам уште еднаш – ќе се намалува ли бројот на блок-тарифи?
Ристов: Во овој момент не можам да Ви кажам.
360°: Ќе се зголемува ли временскиот интервал на евтината тарифа?
Ристов: Според сегашните анализи коишто се првични – да. Логично е, затоа што имаме евтина тарифа во други периоди. Преку ден најверојатно ќе се зголемува периодот на евтината тарифа, а може ќе се намали навечер. И ќе видиме и сабота и недела. Може и сабота да биде ден којшто е интересен за евтина тарифа бидејќи тогаш индустријата не работи и имаме вишок енергија.
360°: Сега евтината тарифа е два часа дневно.
Ристов: Сега е само два часа дневно и дополнително навечер од 22 часот.
360°: Преку ден колку е реално да се очекува да се зголеми временскиот интервал?
Ристов: Мислам сега ова би биле манипулации со зборови. Во овој момент никој не може да каже колку. Може ќе бидат три часа, може ќе бидат четири часа преку ден, вкупно. Меѓутоа, може ќе се намали еден час навечер, бидејќи во периодот од 22 до 24 часот моментално на берзите цената ви е 300 долари по мегават-час. И сега, таа енергија зошто да ја плаќаме ние, да ја даваме во евтина, кога е депласирана скоро на 2 денари (во евтина тарифа), а истовремено ЕСМ ќе треба да ја купува во зимските периоди бидејќи не може да ја произведе Македонија сета енергија која е во декември, јануари и февруари кога немаме фотоволтаици, кога немаме други извори. И ЕСМ не може да ја покрие и таа треба да ја купува од надвор за 300, да ја дава за 65. Мора да размислуваме за сите, не е само за еден.
360°: Е сега, бидејќи во јануари денот е многу пократок, за разлика од јуни, јули, август… евентуалното зголемување на временскиот интервал на евтината тарифа ќе биде сезонски или ќе важи за целата година?
Ристов: Засега најверојатно би бил сезонски. Бидејќи кога ја имаме енергијата, тогаш треба да им ја дадеме на потрошувачите. Тоа се од април, мај па до крај на септември. Може ќе биде тоа едно 6 месеци период во којшто ќе важат некои други тарифи. Видете, мора да го пратиме светот на енергијата, идејата како да бидеме заедно со живеењето на енергенси.
360°: Тука едно идеолошко-економско прашање. Евтината тарифа беше укината во 2012 година, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и тогаш, меѓу другото, коментарите беа дека тоа било остаток, реликт од социјализмот. Се врати во 2017 година кога дојде владата на СДСМ. Сега Вие зборувате за нејзино зголемување. Што значи тоа од аспект на идеологија, вредности? Сега Вие се поместувате кон левите политики или…?
Ристов: Не, не, јас не се поместувам никаде. Јас работам исклучиво во енергетскиот сектор. Таму енергијата не познава политика, да се разбереме. Тука воопшто никој не спомнува ниту знае ниту ќе зборува за политика. Ако ме пратите цело време, јас зборам само за извори на енергија и пазар на енергија.
360°: За зборот политика на англиски има два збора: politics и policy. Кај нас е еден збор. Јас Ве прашувам за политики во смисла на вредности, на идеологија, не на оваа дневната политика.
Ристов: Не. Во енергетиката може да има стратегија на државата околу развој, околу производство, околу начин на генерирање енергија. Меѓутоа, кога се работи за крајните потрошувачи, регулаторот е само да тоа проба да го изменаџира за како да биде најповолно за граѓаните. Вие знаете, самото име „регулатор“ е судија. Ние сме меѓу корпоративните интереси, компаниите и граѓаните. И мораме да балансираме меѓу сите нив да имаме континуирано, независно и фер снабдување со енергенси.
