Неговите претстави редовно се наградувани и селектирани на многу фестивали, а во мај годинава Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ му ја додели и наградата за животно дело, признание за неговиот исклучителен придонес во театарската уметност

На 62-годишна возраст почина режисерот Сашо Миленковски – еден од најистакнатите театарски творци и влијателно име во македонскиот театар.
Во текот на речиси четири децении активна работа, неговата режисерска креативност создава дела со трајна вредност, оставајќи силен и препознатлив белег не само на домашната, туку и на пошироката театарска сцена.
Неговата професионална кариера започнува уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, преку ангажманот во мултинационалниот проект КПГТ во Суботица (1988–1991), кој се разви во значајна сцена за современи театарски експерименти и меѓународна соработка.
Меѓу најзначајните негови остварувања се издвојува праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Битолскиот народен театар (1992), која освои четири награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и беше изведена на „Охридско лето“ и „Млад отворен театар“. Со оваа претстава, како и со „Буре барут“, поставена во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковски даде значаен придонес во промоцијата на Дуковски, кој подоцна се етаблира како еден од најизведуваните македонски драмски автори во светот.
Покрај тоа, успешно ги поставува и драмите „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски, како и „Лични огласи“ од Братислав Димитров. Важен дел од неговиот опус се и претставите „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, реализирани во Драмски театар – Скопје.
Во периодот од 2006 до 2010 година ја извршува функцијата директор на Македонскиот народен театар, а од 2010 година е драматург во Драмскиот театар – Скопје, каде што активно учествува во креирањето на современиот репертоар.
Неговите претстави редовно се наградувани и селектирани на многу фестивали. Двапати ја добива наградата за најдобра режија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ – во 1993 година за „Game over“ (Народен театар – Куманово) и во 2007 година за „Македонски рулет“ од Љубиша Георгиевски (Драмски театар – Скопје), при што и двете претстави се прогласени за најдобри во целина.
Во мај годинава Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ му ја додели и наградата за животно дело, признание за неговиот исклучителен придонес во театарската уметност.
