Од 1 198 ветувања во програмата на Владата, според СДСМ, не е исполнето ништо
По синоќешното гостување на премиерот Христијан Мицкоски на МРТ 1, каде што тој даде отчет за сработеното на Владата што ја предводи во изминатите две години, опозицискиот СДСМ денеска оцени дека граѓаните во изминатите две години единствено добиле лаги, дефокус и закани. Наместо подобар животен стандард, велат од СДСМ, граѓаните добија економски колапс, најниски плати во Европа и раст на сиромаштијата на 22 отсто.

„Наместо европска иднина, граѓаните добија изолација. Наместо правда, добија политичка одмазда, закани и нарачки на процеси од собраниската говорница, на телевизија и преку телефон. Економските резултати се катастрофални. За само две години Владата на Мицкоски ја задолжи државата со 2,5 милијарди евра нов долг. Задолжувањето е секојдневно. Буџетот е празен. Нема пари за поголеми плати, за подобар стандард на работниците. Веќе снемува пари и исплата на идните пензии. Пензискиот фонд е сериозно загрозен, дупката во ПИОМ е зголемена на 40 проценти, власта го загрозува и вториот столб“,
рече на денешната прес-конференција портпаролката Богданка Кузеска.
Од СДСМ ја обвинуваат власта и за масовното иселување на младите, состојбата во која се наоѓаат земјоделците, за непокачување на минималната плата ниту на платите во образованието и здравството, за неспроведување на реформите и за, како што велат, блокирање на евроинтеграцискиот пат на земјава. Од 1 198 ветувања во програмата на Владата, според СДСМ, не е исполнето ништо.
„Од Мицкоски нема одговор ниту на едно прашање. Ниту за економијата, ниту за корупцијата, ниту за европскиот пат, ниту за криминалните тендери. Затоа што нема одговори, премиерот се враќа на она што најдобро го знае – закани. По две години нарачување на процеси преку медиуми, преку собраниската говорница и по телефон, сега дојде и до директни закани со затвор од собраниската говорница“,
велат од СДСМ.
Од партијата алудираат на вчерашната изјава што премиерот Христијан Мицкоски ја даде од собраниската говорница одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче. Премиерот рече дека е виновен што дозволил лидерот на опозицијата да ужива на јахти, наместо да биде зад решетки.
