Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на собир во Ѓорче Петров, се закани дека, по 15 јули, „ќе биде процесуиран“ секој кој се огрешил пред законот и пред Уставот – Од Куманово до Гевгелија, од Дебар до Делчево…
По 15 јули јас ви ветувам дека, во првите шест месеци, секој кој што
се огрешил пред законот и пред Уставот ќе биде процесуиран. Да го
знаете ова, кажете им, правда и закон мора да има во оваа држава. Од Куманово до Гевгелија, од Дебар до Делчево, нема веќе привилегирани политичари. Нема веќе да има привилегирани семејства, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на предизборен настан во Ѓорче Петров.
„Сакам да кажам неколку реченици за она што можеа, бидејќи нели е таков слоганот на оваа власт. Велат можеле. Јас би рекол ‘можевте’, а тоа е минато завршено време. Можевте да работите, наместо да го понижувате и омаловажувате овој народ, наместо да ја парчите, распарчувате, делите и осрамотувате нашата држава, нашата татковина. Можевте да ја направите горда, достоинствена, почитувана, сакана дома а почитувана во светот. Но не, вие тоа не го направивте. Вие тоа не сакавте да го направите, затоа што за вас поважен беше грст од жолтици, привилегии, луксуз, на грбот на овој напатен народ“,
рече Мицкоски.