Предлогот од пратениците дојде на истата собраниска седница на која беше и интерпелацијата на министерот Панче Тошковски, од чиј ресор е и овој закон

Група пратеници од владејачкото мнозинство на денешната собраниска седница поднесоа законски измени на Законот за безбедност во сообраќајот, а кои се однесуваат во делот на управувањето „лесно електрично возило“ – мопеди, електрични тротинети и мотоцикли.
Предлогот од пратениците дојде на истата собраниска седница на која беше и интерпелацијата на министерот Панче Тошковски од чиј ресор е и овој закон.
Пратениците изгласаа овој закон да се донесе по брза постапка.
Со измените се предлага дополнително да се ограничи максималната брзина на овие превозни средства и наместо досегашните 25 километри на час таа да биде 20. Со законските измени се бара и на лицата под 18 години целосно да им биде забрането да управуваат со електричен тротинет.
Предлогот, како што образложи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, доаѓа по зачестените сообраќајни незгоди и поплаки во јавноста за хаосот со електричните тротинети низ градовите.
Повикувајќи се на анализите на МВР, Мицевски рече дека во повеќе од половината во несреќите со електричните тротинети, тие биле управувани од лица на 16 и 17-годишна возраст.
„Бројките се алармантни – десетици загинати и стотици тешко повредени во сообраќајни незгоди во изминатите две години. Целта не е казнување, туку заштита на животите, особено на младите. Безбедноста нема цена. Повеќе ред на улиците значи помалку несреќи и посигурна иднина за сите учесници во сообраќајот“,
рече Мицевски додавајќи дека оставаат простор за идни измени во согласност со анализите што ќе произлезат од ефектите од овој закон.
