„Во време кога ВИ ги преобликува економиите, јавните услуги и општествата ширум светот, застапеноста на помалите јазици и локалните знаења стана стратегиски приоритет. ‘Везилка’ одговара на овој предизвик преку развој на збирки податоци на македонски јазик, отворени ресурси и одговорни практики за ВИ кои поддржуваат иновации и ги одразуваат националните вредности“, велат од тимот на „Везилка“
Во хотелот „Александар палас“ во Скопје утре напладне официјално ќе биде промовирана „Везилка“ – првиот центар за вештачка интелигенција во земјава. Проектот е воспоставен во рамки на Европската заедница за пресметување со високи перформанси, кофинансиран од Европската Унија и координиран од Факултетот за компјутерски науки и инженерство при УКИМ во соработка со Министерството за дигитална трансформација.

Визијата, целите и очекуваното влијание на „Везилка“ ќе ги претстави раководителот на проектот проф. д-р Димитар Трајанов, а на настанот ќе се обратат и премиерот Христијан Мицкоски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, ректорката на УКИМ, проф. д-р Билјана Ангелова, деканот на ФИНКИ, проф. Петре Ламески, и евроамбасадорот во државава Михалис Рокас. Потоа ќе следи панел-дискусија.
Од тимот на „Везилка“ велат дека проектот ја вклучува земјава во европскиот екосистем за вештачка интелигенција и придонесува кон европската визија за доверлива и иновативна вештачка интелигенција.
„Во време кога вештачката интелигенција ги преобликува економиите, јавните услуги и општествата ширум светот, застапеноста на помалите јазици и локалните знаења стана стратегиски приоритет. ‘Везилка’ одговара на овој предизвик преку развој на збирки податоци на македонски јазик, отворени ресурси и одговорни практики за вештачка интелигенција кои поддржуваат иновации и ги одразуваат националните вредности“,
велат оттаму.
Се додава дека проектот е од важност за зајакнување на дигиталниот суверенитет, забрзување на дигиталната трансформација, поттикнување на иновациите во јавната администрација, подобрување на одлучувањето засновано на податоци и создавање можности за истражување, претприемништво и технолошки развој. Има за цел и да ја зајакне соработката меѓу институциите, универзитетите, истражувачките центри, организациите на граѓанското општество и деловната заедница.
