„Ова е врв на финансиска и фискална неодговорност, за што цената ќе ја платат граѓаните. Ветуваа намален буџетски дефицит, а го продлабочија уште на средина на годината“, велат од партијата

Кочоска призна дека во буџетот нема пари, ќе има ли за плати и пензии? Ова е прашање што денеска го упатија од опозициската СДСМ откако министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека е планирано ребалансот на буџетот утре да се разгледува на владина седница, а од она што можеше да го сподели со медиумите, рече дека ќе има корекција на буџетскиот дефицит, односно негово зголемување.
Според опозициската партија, целокупниот буџетски дефицит кој бил планиран за целата година е веќе целосно потрошен за само шест месеци, а со најавениот ребаланс на буџетот, Владата планира уште повеќе да го зголеми дефицитот.
„Ова е врв на финансиска и фискална неодговорност, за што цената ќе ја платат граѓаните. Ветуваа намален буџетски дефицит, а го продлабочија уште на средина на годината“,
реагираат од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека продлабочувањето на дефицитот ќе доведе до нови задолжувања кои граѓаните ќе мора да ги враќаат преку повисоки камати, повисоки даноци и поскапи услуги. Во соопштението се додава дека наместо намалување, јавниот долг за две години е зголемен за над 2,5 милијарди евра, достигнувајќи ниво од речиси 11 милијарди евра.
Од СДСМ обвинуваат дека овие средства не се искористени за повисоки плати, капитални инвестиции или за поддршка на граѓаните и компаниите, туку, како што тврдат, завршиле во криминални партиски тендери на ВМРО-ДПМНЕ.
„По две години, по сите триумфалистички изјави на ВМРО за наводен економски раст и успешни економски политики, денес вистината сите ја гледаат и чувствуваат. Со Мицкоски и ВМРО економијата оди кон пропаст“,
додаваат од СДСМ.
Министерката Димитриеска-Кочоска потребата од ваква корекција ја оправда со зголемените потреби за финансирање на капиталните инвестиции.
Генерално, како што рече, станува збор за зголемување на капиталните расходи за инфраструктура.
