Осомничениот го признал делото и на полицајците им го посочил местото каде што го сокрил телото на жртвата. Телото на 45-годишната Гркинка го закопал на приватна земјоделска парцела во областа Ватилакос кај Ханија
Четириесет и тригодишен македонски државјанин М.Л. е осомничен дека со умисла ја убил 45-годишната Ставрула Левендаки на грчкиот остров Крит, објави денеска директорот на полицијата во Ханија, Канелос Николау. Осомничениот го признал делото и на полицајците им го посочил местото каде што го сокрил телото на жртвата.

Телото на 45-годишната Гркинка го закопал на приватна земјоделска парцела во областа Ватилакос кај Ханија.
„Веднаш беше организирана операција за истрага на посочената локација, во присуство на форензичар и специјализирани екипи. За време на ископувањето, беше пронајдено телото на жртвата, закопано во земја, завиткано во повеќе кеси и врзано со пластични стеги, целосно потврдувајќи ги доказите собрани во текот на предистражната постапка. За денеска е закажана обдукција на телото за да се утврдат точните причини за смртта“,
објасни директорот на полицијата во Ханија.
Тој посочи дека станува збор за исклучително сложен случај бидејќи исчезнувањето на жената било пријавено на 8 јуни, а истрагата утврдила дека таа исчезнала уште на 30 мај, што, како што рече, дополнително ја отежнало истрагата и создало сериозни предизвици во пронаоѓањето и обезбедувањето важни докази. Клучна била истрагата во домот на сторителот каде што биле најдени дамки од крв на различни места.
„Генетскиот материјал изолиран од трагите беше идентификуван како женски и преку споредбена анализа со примероци од родителите на исчезнатата, со исклучително висок степен на сигурност произлезе дека припаѓа на Ставрула Левентаки. Комбинираното користење на сведоштвата, телекомуникациските податоци, резултатите од криминалистичката истрага, лабораториските ДНК-анализи и видеоматеријалот ѝ овозможи на полицијата да формира целосна, кохерентна и целосно поткрепена доказна рамка“,
информираше директорот на полицијата во Ханија.
Генералниот полициски директор на Крит, Георгиос Ду̀кис, рече дека е расчистен особено тежок случај на исчезнување кој, како што рече, на крајот се испоставило дека претставувал кривично дело.
