„Доколку се направи споредба помеѓу тоа дали и колку се потребни избори сега, со очекувањата на граѓаните, мислам треба да се реализира сè што е реална потреба за граѓаните“, вели Беким Сали кој е прв вицепремиер, министер за европски прашања и генерален секретар на политичката партија Влен

Партијата Влен е спремна за избори, особено после позитивниот резултат на локалните избори, вели првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Но, смета дека граѓаните очекуваат да видат остварување на ветеното.
Во прилог на тезата дека не се плашат од избори во кој било момент, генералниот секретар на Влен вели дека раководат со 10 општини и тој факт е добра почетна точка за разлика од нивните опоненти кои се во опозиција. Но, доколку се направи споредба помеѓу тоа дали и колку се потребни избори сега, со очекувањата на граѓаните, вели оти според него треба да се реализира сè што е реална потреба за граѓаните.
360°: Тоа е вашата призма, но ВМРО-ДПМНЕ може во еден момент да има друг интерес. Може да сака да се оди на предвремени избори.
Беким Сали: Без разлика на интересот на ВМРО-ДПМНЕ, ние зборуваме сега за албанскиот блок, ние како Влен, ние зборуваме за тоа што се очекувањата на граѓаните.
На прашањето што доколку премиерот Христијан Мицкоски каже оти би се одело на избори и веднаш потоа во остварување на Преговарачката рамка со Европската Унија, Сали вели дека доколку има нов политички момент кој ќе ја смени динамиката на развој во земјата и доколку тоа е важно за државата, секако дека би биле спремни.
„Меѓутоа, дека ние како политичка партија бараме предвремени избори само за да покажеме дека еве ќе ги добиеме изборите, мислам дека тоа е погубно и за нас како политичари и за граѓаните“,
рече Сали.
