Од опозициската партија велат оти без прифаќање на нивните корекции, кои произлегуваат од барањата на синдикатите, правосудниот систем ќе се врати две децении наназад и ќе се соочи со забрзан одлив на стручен кадар
Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе вкупно 82 амандмани на предложените законски решенија за судската и јавнообвинителската служба. Во партиското соопштение се наведува оти ова следува по темелна анализа и е директен резултат на забелешките и предлозите добиени од синдикатите и претставниците на вработените во овие сектори.

Од вкупниот број, 55 амандмани се однесуваат на Законот за судска служба, 27 на Законот за јавнообвинителска служба, а најавено е и поднесување на дополнителни 19 комисиски амандмани.
„Пратеничката група на СДСМ и коалицијата јасно укажува дека овие служби не смеат да бидат игнорирани, бидејќи токму тие се носители на секојдневното функционирање на правосудниот систем и најдобро ги познаваат реалните предизвици во праксата“,
велат оттаму.
Од опозициската партија велат дека стручната јавност и синдикатите јасно алармираат оти предложените законски решенија, во нивната сегашна форма, директно ја загрозуваат независноста на судството.
„Предлог измените се резултат на сериозни укажувања од стручната јавност и синдикалните претставници, кои јасно предупредуваат дека предложените решенија во сегашна форма во Предлог законите ја загрозуваат независноста на судството и значително ја влошуваат положбата на вработените во правосудниот систем“
се вели во соопштението.
Доколку амандманите бидат отфрлени, партијата предупредува оти ќе има сериозни последици како враќање на судската служба две децении наназад, ризик од целосен институционален хаос, дополнително слабеење на системот и забрзан одлив на и онака дефицитарниот стручен кадар
