Двајца од нив денеска биле изведени пред судија на претходна постапка, а за еден од нив е определена мерка притвор додека пак за другиот осомничен мерки за обезбедување
Четири лица кои вкупно пет кои беа недостапни за органите на прогон во случајот со истражната постапка против 18 физички и осум правни лица осомничени за проневера од речиси три милиони евра во Фудбалската федерација на Македонија се обезбедени, информираа денеска од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Оттаму велат дека двајца од нив денеска биле изведени пред судија на претходна постапка и оти за еден од осомничените е определена мерка притвор, додека пак за другото лице мерки за обезбедување.
„Останатите две лица ќе бидат утре изведени пред судија на претходна постапка“,
велат оттаму.
Помеѓу осомничените лица се и двајца поранешни претседатели на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини. Од првично уапсените 12 лица, три добија мерка ефективен притвор, петмина се во куќен притвор, а за четири лица судот определи мерки за претпазливост.
Ѓорѓиоски и Сејдини се прво и второосомничени, а третоосомничена е раководителка на Одделението за финансии и сметководство во ФФМ. Тројцата, како што кажа обвинителот Фатон Азизи пред два дена, овозможиле исплата на пари кон фирми за наводни услуги и стоки кон Федерацијата, кои никогаш не биле извршени.
Според досегашните информации од предистражната постапка станува збор за сериозни финансиски злоупотреби во врвот на Фудбалската федерација на Македонија, каде што поранешниот претседател Илчо Ѓорѓиоски и неговиот наследник Муамед Сејдини, во координирана шема со раководителката на Одделението за финансии, противправно присвоиле вкупно околу 2,8 милиони евра.
Криминалната мрежа функционирала во два одвоени периоди, но со иста цел и метод. Во периодот од 1 јануари 2015 до 25 јули 2018 година, првоосомничениот Ѓорѓиоски, како претседател на ФФМ, во договор со шефицата на финансии извлекол околу 2 милиони евра од парите доверени на службата. Оваа незаконска пракса продолжила и по промената на раководството. Второосомничениот Муамед Сејдини, исто така во својство на претседател и во соработка со истата раководителка, од 25 јули 2018 до 10 октомври 2019 година присвоил дополнителни 870 000 евра.
За да се оправдаат и сокријат нелегалните исплати насочени кон одредени фирми, осомничената раководителка за финансии и сметководство вршела директни манипулации во официјалната евиденција на Фудбалската федерација. Измамата се одвивала така што таа најпрво плаќањата ги евидентирала како намалување на обврските по основ на влезни фактури. Потоа, таа неовластено ги менувала веќе внесените налози за книжење, при што ги бришела обврските и исплатите ги прикажувала како обични трошоци, без притоа да наведе за која конкретна фактура, услуга или деловен партнер станува збор.
