За учениците што не успеале да се запишат во овој рок има уште 11 882 слободни места, а вториот упис рок ќе биде на 23 јуни со електронско пријавување на учениците преку веб-платформата на МОН
Министерството за образование и наука (МОН) ги објави официјалните податоци од финализираните ранг-листи по првото пријавување за упис во средните училишта за учебната 2026/2027 година. Од вкупно пријавените 15 075 ученици преку електронскиот систем, во првиот рок успешно се запишале 13 397 ученици.

Како што објави МОН, 9 813 се запишани за настава на македонски јазик. За настава на албански јазик се запишале 3 357 ученици, 213 полуматуранти ќе следат настава на турски, додека 14 ученици се запишани за настава на српски јазик.
Податоците на МОН покажуваат дека поголемиот дел од учениците годинава се одлучиле да учат за конкретна струка. Во рамките на средното стручно образование се запишале вкупно 8 910 ученици. Од нив, 6 653 ученици ќе следат настава на македонски јазик, 2 133 на албански јазик и 124 ученици на турски јазик.
Во гимназиското образование во овој прв круг се запишани вкупно 4 278 ученици. Од нив, за настава на македонски јазик се одлучиле 3 010 ученици, на албански јазик 1 165, на турски јазик 89, а на српски јазик се запишале 14 ученици. Во делот на уметничкото образование, конкретно во музичката уметност, запишани се 150 ученици за настава на македонски и 59 ученици за настава на албански јазик. За насоката ликовна уметност, процесот на селекција сè уште е во тек.
Поради поголем број ученици со ист број бодови од предвидената квота, годинава ќе се организира квалификациско тестирање во здравствениот сектор. Испитот ќе се полага за квалификацијата фармацевтски техничар на албански наставен јазик во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“-Скопје. Тестирањето ќе се одржи во училиштето на 22 јуни 2026 година, а учениците ќе полагаат испит по биологија и хемија со материјал од осмо и деветто одделение. Конечните ранг-листи ќе бидат објавени истиот ден во училиштето и на неговата веб-страница.
За учениците што не успеале да се запишат во првиот рок има уште 11 882 слободни места. Најмногу слободни места има за настава на македонски јазик – 7 404 и на албански јазик – 4 002, додека за настава на турски јазик преостануваат 456 слободни места, а на српски јазик уште 20 места.
Вториот уписен рок ќе биде на 23 јуни со електронско пријавување на учениците преку веб-платформата на МОН. Еден ден подоцна учениците ќе треба да ја достават потребната документација до самите средни училишта, а на 25 јуни до 12 часот ќе бидат објавени ранг-листите со резултатите на огласните табли во училиштата или на нивните интернет-страници.
Доколку во некои училишта се појави потреба од квалификациско тестирање и во вториот круг, тоа од МОН велат дека ќе се организира на 29 јуни, по што конечните резултати ќе бидат објавени истиот ден.
