Со таквите постапки, додаваат МВР, пријавените му овозможиле на правно лице – инвеститор да се стекне со противправна имотна корист преку продажба на бесправно доградените станбени површини
Струмичката полиција поднела кривична пријава против раководител на Сектор за урбанизам и овластен градежен инспектор во Општината поради сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, по член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи, првопријавената С.Р. (38), како раководителка на Секторот за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште при Општина Струмица, ги пречекорила границите на своите службени овластувања така што издала одобрение за надградба на станбена куќа за која од страна на општинската градежната инспекција веќе било донесено решение за отстранување. Дополнително, стои во соопштението, таа во документот се потпишала и во полето за потпис на градоначалникот.
Одобрението, велат од МВР, таа го издала без да се информира и без да побара официјални податоци и документација за градбата во однос на евентуално констатирани неправилности од страна на општинската градежна инспекција.
Второпријавената С.О. (61), пак, во својство на овластен градежен инспектор при Општината, не постапила согласно Законот за градење бидејќи откако ѝ било презентирано издаденото одобрение за надградба, таа не поднела предлог за поништување на тоа одобрение.
„Иако била должна да провери дали самото одобрение е законски издадено и доколку утврди дека е спорно да поднесе писмен предлог за поништување до органот кој го донел, односно до Секторот за урбанизам при Општина Струмица. Наместо тоа, при контролниот инспекциски надзор констатирала дека повеќе нема неправилности, ја прекинала постапката и го поништила претходно донесеното решение за отстранување на бесправно изградената доградба“,
се вели во соопштението од МВР.
Со таквите постапки, додаваат оттаму, пријавените овозможиле да се легализирала доградбата, односно му овозможила на правното лице – инвеститор да се стекне со противправна имотна корист преку продажба на бесправно доградените станбени површини.
