Од МВР информираат дека поради сторениот прекршок возилото е одземено, а приведениот српски државјанин е задржан во полициска станица за понатамошна постапка
Полициски службеници вчера доцна попладне лишиле од слобода државјанин на Србија кој со автомобил „порше“ се движел со брзина од 188 километри на час на автопатот Куманово – Скопје, каде што дозволената брзина е 100 километри на час – Скопје, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што информираат оттаму, 30-годишниот Б.С. од Република Србија бил приведен во 18:20 часот кај клучката „Рафинерија“, од страна на полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи.
„При контрола во патниот сообраќај, извршена со радар, полициските службеници сопреле патничко моторно возило ‘порше’ со српски регистарски ознаки, управувано од Б.С. По извршеното мерење било констатирано дека возачот се движел со брзина од 188 километри на час, на делница каде што со сообраќаен знак максимално дозволената брзина е ограничена на 100 километри на час“,
се наведува во соопштението од МВР.
Оттаму додаваат дека поради сторениот прекршок, возилото е одземено, а приведениот српски државјанин е задржан во полициска станица за понатамошна постапка.
Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека управувањето со моторни возила со брзина поголема од пропишаната претставува една од главните причини за случување сообраќајни незгоди, кои често резултираат со тешки последици по здравјето и животот на граѓаните.
Во таа насока, оттаму апелираат до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување заеднички да придонесат за побезбедни патишта.
