Минчев кажа и дека ЗНАМ веќе ја има заземено својата позиција за следниот изборен циклус. Партискиот став е дека на следните парламентарни избори ќе настапат самостојно без разлика дали тие ќе бидат редовни или предвремени

Партиски делегации предводени од лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Христијан Мицкоски и Максим Димитриевски, в сабота ќе одржат средба на која главна тема ќе биде најавената реконструкција на Владата.
Министерот за јавна администрација и кадар на ЗНАМ, Горан Минчев, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, појасни дека на оваа средба партијата ќе побара детали за точниот опфат на најавената реконструкција.
„Кога се разговара за реконструкција, граѓаните мислат дека тоа е само првиот ешалон, односно министрите. Меѓутоа, тука има и голем број на втор и трет ешалон – избрани и именувани функционери коишто, исто така, се на тие позиции со соодветна намена да испорачаат резултат“,
изјави Минчев.
Минчев откри дека Движењето ЗНАМ веќе направило детална евалуација и ревизија на двегодишното работење на сите свои функционери – од министри и заменици, до државни секретари и директори. Ставот на партијата е дека нивните кадри ревносно и одлично си ја вршат својата работа.
Минчев нагласи дека прашањето не е „дали сакаш некого или не“, туку дали тој испорачува резултати.
Сепак, Минчев додаде дека Мицкоски е премиер и дека ЗНАМ сака да ги слушне аргументите и од другата страна.
Министерот потсети дека при влезот во Владата пред две години, со ВМРО-ДПМНЕ бил направен договор за четиригодишна коалиција, потенцирајќи дека двете партии имаат идентични ставови по клучни прашања, вклучувајќи го и „ригидниот став против промена на Уставот.
Минчев кажа и дека ЗНАМ веќе ја има заземено својата позиција за следниот изборен циклус. Партискиот став е дека на следните парламентарни избори ќе настапат самостојно без разлика дали тие ќе бидат редовни или предвремени.
„Но, исто така, мора да ги разгледаме сите опции за да ги слушнеме аргументите од кој било наш колаициски партнер. Нашиот став е дека ние сме спремни веднаш, утре ако е потребно, да излеземе на избори и тоа со самостоен настап“,
кажа Минчев.
И премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека утре и в сабота ќе има средби со коалициските партнери од Влен и ЗНАМ, на кои ќе се разговара околу најавената реконструкција на Владата. Премиерот нагласи дека соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен останува стабилна и ќе продолжи да се развива во истиот правец.
