За разлика од претходни години, овој пат Трамп не го напушти самитот предвреме, што беше оценето како успех за Макрон дека внимателно го организирал настанот за американскиот претседател да остане до крај
Според дипломатски извори, дел од позитивната атмосфера се должи и на договорот постигнат со Иран, кој бил поздравен од останатите лидери, и покрај отворените прашања околу неговата имплементација
Првпат во неговите две претседателства, американскиот претседател Доналд Трамп учествуваше на самитот на Групата седум најразвиени земји (Г7) без да предизвика сериозни тензии или дипломатски инциденти, вели анализа на Си-ен-ен.

Иако имаше неколку коментари во негов стил, па еднаш се пожали на топлината во салата, а на сесија на која доцнеше околу еден час се пошегува дека тој е шефот на останатите лидери, сепак, самитот помина без поголеми конфликти.
За разлика од претходни години, овој пат Трамп не го напушти самитот предвреме, што беше оценето како успех за Макрон дека внимателно го организирал настанот за американскиот претседател да остане до крај.
Дополнително, Трамп овој пат не ја одби заедничката изјава на лидерите. Напротив, тој ја поддржа поострата формулација за руската војна во Украина, вклучително и ветување за непоколеблива поддршка за Киев.
„Ова беше нешто навистина посебно“,
изјави Трамп по завршувањето на самитот.
Според дипломатски извори, дел од позитивната атмосфера се должи и на договорот постигнат со Иран, кој е поздравен од останатите лидери, и покрај отворените прашања околу неговата имплементација.
Трамп присуствуваше и на вечера во Версај, каде што беше пречекан од првата дама на Франција, Брижит Макрон. Настанот се одржа во раскошна атмосфера, со јадења од француската кујна, додека Трамп го опиша Версај како „вистинска работа“, алудирајќи на неговиот златен раскош.
Ова е негово петто учество на Г7 самитот, а дипломатите посочуваат дека во оваа фаза од неговата политичка кариера тој настапува како поискусен играч на меѓународната сцена, иако и понатаму останува фактор на поделби меѓу сојузниците.
Сепак, зад затворени врати, некои од средбите поминале во напната атмосфера, а европските лидери се обидувале да го подобрат односот со него преку дипломатски гестови и пофалби.
Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека договорот со Иран може да биде пресвртница, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц му подари фудбалски дрес со број 47 со порака дека сите се во ист тим.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која претходно имаше затегнати односи со Трамп, сега одржа „разјаснувачка“ средба со него, по која изјави дека односите остануваат пријателски.
