„Предметните судски постапки за надоместоци и права од работен однос во износ од 70 000 евра, не се поведени од вработените во судската служба. Вработените во судската служба за периодот опфатен со ревизијата, немаат поведено постапки, ниту пак побаруваат средства по тој основ“, се наведува во реакцијата на највисокиот суд во државата
Врховниот суд денеска преку писмено соопштени реагира на објави во медиумите во врска со конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2024 година во највисокиот суд во државата, објавен вчера.

Реакцијата на Врховен конкретно се однесува на забелешката дека во тек се 28 судски постаки, во кои Судот се јавува како тужена страна врз основа на тужби од вработени по основ на надоместоци и права од работен однос во вкупен износ од 4,2 милиони денари или околу 70 000 евра.
Според Судот, судските постапки не се поведени од вработени во судската служба.
„По однос на забелешката ‘дека во тек се 28 судски постапки, во кои Судот се јавува како тужена страна врз основа на тужби од вработени по основ на надоместоци и права од работен однос во вкупен износ од 4,2 милиони денари’. Истакнуваме: Предметните судски постапки за надоместоци и права од работен однос во износ од 70 000 евра, не се поведени од вработените во судската служба. Вработените во судската служба за периодот опфатен со ревизијата, немаат поведено постапки, ниту пак побаруваат средства по тој основ. Со објавувањето на генерализирани информации како: ‘Врховниот суд пред сериозни предизвици: Недостигаат судии, пари и кадар, а вработените го тужат и бараат околу 70 000 евра’ или ‘Додека вработените го тужат Врховниот суд за 70 илјади евра ревизијата откри сериозен недостиг на кадар на судии’, се добива погрешен впечаток во јавноста и се нарушува угледот и интегритетот на сите вработени во судската служба. Бараме ова соопштение да биде објавено во целост на сите медиуми каде што беше пласирана информацијата, со цел јавноста да се информира точно и објективно“,
наведуваат од Врховниот суд во реакцијата.
Инаку, медиумите во свои написи за извештајот на Државниот завод за ревизија за Врховниот суд за 2024 година, се повикаа на податоците наведени во самиот извештај, а во кој се вели дека во тек се 28 судски постапки што се водат пред надлежни судови и до денот на ревизијата конечниот исход од нив не е познат поради што постои неизвесност за финансиските импликации на буџетот на Врховниот суд во иднина.
„Во Врховниот суд на Република Северна Македонија во тек се 28 судски постапки. Судот се јавува како тужена страна врз основа тужби од вработени по основ на надоместоци и прва од работен однос во вкупен износ од 4 280 илјади денари. Бидејќи станува збор за судски постапки што се водат пред надлежни судови до денот на ревизијата, конечниот исход од нив не е познат, при што постои неизвесност за финансиските импликации на буџетот на Врховен суд во иднина“,
се наведува во извештајот на ДЗР.

