Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на реконструираната Општа болница во Струмица, премиерот нагласи дека соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен останува стабилна и ќе продолжи да се развива во истиот правец

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека во петок и сабота ќе се одржат средбите со коалициските партнери од Влен и ЗНАМ, на кои ќе се разговара околу најавената реконструкција на Владата.
Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на реконструираната Општа болница во Струмица, премиерот нагласи дека соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен останува стабилна и ќе продолжи да се развива во истиот правец.
„Во петок и сабота се закажани средбите со коалициските партнери од Влен и ЗНАМ. Инаку, сега не сме пред избори, сега сме во втората половина од мандатот, имаме исклучително коректна и пријателска соработка со Влен. Очекувам во таа насока да продолжиме“,
изјави Мицкоски.
Премиерот ги потенцираше и резултатите од претходните избори велејќи дека тие се показател за нивната стабилност на терен.
„По реализирањето на нашата соработка, по изборите во 2024 година, следеа локалните избори каде тие убедливо победија во 10 општини во условно кажано албанскиот дел во Македонија, така што не гледам пречка во овој момент нашата соработка да не продолжи“,
истакна премиерот Мицкоски.
Мицкоски и минатата недела најави дека овие денови ќе почнат разговорите со коалициските партнери со кои, како што рече, прво ќе треба да се види дали имаат поклопување на визиите.
Еден од копретседателите на Влен, која е владин коалициски партнер, Биљал Касами, во интервју за „360 степени“ рече дека новоформираната партија е подготвена за ротација на ресори во владината реконструкција и оти за тоа го известиле премиерот. Касами рече дека владиното мнозинство е сериозно и нема некој сериозен проблем.
