Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ ја повика пратеничката на СДСМ и претседателка на матичната Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, да ја закаже јавната расправа за потоа, како што рече, од ставовите што ќе произлезат од неа да се донесат заклучоци што би се инкорпорирале во законот
Пратеничката група на владејачката ВМРО-ДПМНЕ бара во текот на денешниот ден да биде закажана јавната расправа за предлог-законот за игри на среќа која, според нив, не се одржува поради СДСМ. Иако опозициската партија бараше јавна расправа за предлог-законското решение, сега, како што изјави пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, сакаат да ја опструираат, односно не ја закажуваат расправата.

„На нивно барање поддржавме јавна расправа на која експерти од фелата ќе го кажат своето мислење дали се за или против законот, како и нивните ставови во однос на членовите што ги содржи тој закон. Во моменти кога сакаме да регулираме цела една индустрија, се јавуваат СДСМ со нивната опструкција и упорно не сакаат да ја закажат јавната расправа, на која сите засегнати страни ќе можат да го кажат своето мислење. Нека кажат зошто“,
изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција во Собранието.
Стојановски ја повика претседателката на матичната Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, да ја закаже јавната расправа за потоа, како што рече, од ставовите што ќе произлезат од неа да се донесат заклучоци што би се инкорпорирале во законот.
„Ние нема да дозволиме да застане процесот. Доколку не се одржи јавната расправа, на следната наредна седница ќе биде ставен законот, согласно Деловникот, и постапката за неговото донесување ќе биде продолжена“,
додаде Стојановски.
Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет на седницата во понеделникот едногласно одлучија да биде одржана јавна расправа по предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри, а претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска, рече дека терминот на одржување на расправата дополнително ќе биде соопштен.
