„Која е суштинската реформа што ја добива јавнообвинителската служба со овој закон?“, прашаа претставниците од обвинителствата
„Ќе имаме директно мешање на извршната власт и директно загрозување на независноста и самостојноста на судството“, предупредија претставниците на судските служби
Заменик-министерот за правда кажа дека брзината со која законите се доставени во Собранието е поради реформската агенда, односно крајниот рок за нивно донесување

Предлог-законите за судска и јавнообвинителска служба, кои Владата ги прати во Собранието, не се истите што ги изработиле работните групи составени за овие закони токму од Владата. Ова беше само една од повеќето основи за кои реагираа вработени во судовите и обвинителствата на денешната собраниска јавна расправа за споменатите законски решенија.
Претставниците од повеќе судови и обвинителства пред пратениците во ресорната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците алармираа дека двата предлог-закона, наместо реформски, се дискриминирачки и ќе направат поделба меѓу персоналот во услови кога судовите и обвинителствата кубурат со кадар.
Клучно, според нив, е тоа што како судска и јавнообвинителска служба новиот закон ги препознава само стручните служби како посебни државни службеници, додека другите вработени се изедначуваат со административни службеници (во подгрупа државни службеници), што според нив значи уназадување, пониски плати и нееднаквост во специфични ресори каде што секој вработен има важен придонес.
„Како член на работната група јас се оградувам од овој предлог-закон. Ваквиот предлог-закон не е реформски, не е применлив и не ја унапредува положбата на судската служба. Првата забелешка е начинот на регулирање на статусот за судските службеници. Предлог-законот не само што ги дефинира судските службеници како административни службеници, туку оди и чекор понатаму, па ги дели на судски службеници и државни службеници. Притоа, за државни службеници, со член 14, предвидено е дека за нив ќе се применуваат одредбите од Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Ваквото решение е несреќно законско решение затоа што одредбите за административни службеници во судовите се неприменливи, тоа ни го покажала праксата“,
реагираше Христина Палчевска, судски администратор на Основниот граѓански суд – Скопје.

Претставниците објаснуваа дека секој вработен во судовите на некој начин учествува во постапувањето на предмети. На пример, вработените во одделот на материјално-финансиско работење исплаќаат стечајни постапки, работат со судски депозити, исплаќаат дежурства и увиди на самото место, што според службите значи дека и тие активно придонесуваат кон постапувањето во предметите. Друг пример се информатичарите, кои никаде не се регулирани во законите, а се администратори на АКМИС-системот.
Палчевска кажа и дека пресметките за плата ќе се прават врз основа на минималната плата, за која патем одлучува Владата, и врз бодови за звања и за образование, кои според нив не ја подобруваат положбата. Посочи и дека новото решение предвидува и укинување на додатоците на плата за висок ризик и доверливост. При штрајк пак, на судските службеници ќе им се исплаќа 60 отсто од претходно исплатената плата.
„Напуштање на концептот на пресметка на плата врз основа на просечната бруто плата во државата и коефициентот на сложеност на работните места – ваков предлог беше даден од работната група и се одеше кон тоа токму преку коефициентот да се вреднува трудот и професионалниот ангажман. Со напуштањето на овој концепт и задржување на досегашниот начин на пресметка на платите кој се состои од минимална плата не се вреднува правилно и правично трудот на вработени во судската служба, ниту пак се подобрува нивната положба. Во контекст на платите треба да се спомене и одредбата којашто се однесува на платите на вработените во судовите кои вршат помошно-технички работи. Нивните плати се регулираат со општа одредба наспроти одредбата во работната група која имаше јасно истакнати критериуми, вклучувајќи ги коефициентите на сложеност на работните задачи кои ги извршуваат“,
посочи Палчевска.
Рената Георгиевска од Независниот синдикат на Основниот суд Скопје потсети дека реформската агенда предвидува самостојно и независно судство преку измена на законите.
„Ваквата законска регулатива, анализирана статистички ќе значи дека од вкупниот број на вработени во судовите, кој изнесува 1 800 судски службеници, за околу 1 550 вработени ќе важат одредбите на Законот за административни службеници и Законот за јавна администрација, што значи тие ќе се под директна надлежност на извршната власт, а овој закон ќе се однесува само на 300 вработени во судовите ќе важат одредбите на овој закон и ќе бидат претставници на самостојната и независна судска власт во државата. Изразено во сооднос би било 5:1 од вработените во надлежност во извршната власт спрема судската власт. Ваквиот сооднос значи дека во судската власт ќе имаме директно мешање на извршната власт и директно загрозување на независноста и самостојноста, како финансиски така и преку политичко влијание“,
кажа Георгиевска.

Претставниците од обвинителствата, пак, потврдија дека и предлог-законот за јавнообвинителска служба не е истиот што го работела работната група. Маја Петрова, советник портпарол и заменик-претседателот на Синдикалната организација на јавните обвинителства кажа дека ја пренесува разочараноста на 350 вработени во обвинителствата.
„Која е суштинската реформа што ја добива јавнообвинителската служба со овој закон? Дали целта на законот е создавање автентична јавнообвинителска служба или усогласување со моделот на административните службеници? Со години укажуваме дека работата во јавното обвинителство не може да се третира како класична административна работа. Работиме со кривични предмети. Работиме со класифицирани информации. Работиме со финансиски истраги. Работиме со докази. Работиме во постапки кои директно влијаат врз кривичниот прогон и владеењето на правото. Токму затоа очекувавме закон што ќе ја препознае таа специфичност. Наместо тоа, добиваме закон во кој најголемиот дел од клучните прашања повторно се регулираат по логика блиска до државната администрација“,
рече Петрова.

Обвинителката Фатиме Фетаи кажа дека за два часа јавна расправа не се слушнал ниту еден позитивен коментар за двата предложени закони, што само по себе значи дека предлозите се за „рикверц“.
„Во образложението читаме за зајакнување на капацитети, во пракса гледаме одлив на кадар. Читаме за самостојност, во пракса гледаме задржување на механизми на контрола. Читаме реформи, гледаме козметика. Најискрена реченица од целиот текст е дека примената на овој закон нема да предизвика дополнителни финансиски импликации. Таа една реченица објаснува многу повеќе од она што е напишано на 50 страни бидејќи покажува колку многу некој се потрудил да не се наруши буџетската удобност, без притоа да внимава што ќе се случува со луѓето, како ќе функционира јавното обвинителство и каков финиш ќе имаме како држава“,
рече Фетаи.

Реакциите ги слушаше и заменик-министерот за правда. Тој вели дека предлозите морале да претрпат измени оти настанало промена на фактичката состојба – се донел Законот за административни службеници и бил склучен Колективен договор со вработените во судовите и во јавните обвинителства. Тој вели дека двата предлог-закона добиле негативно мислење од Министерството за финансии и од Министерството за јавна администрација и морале да се усогласуваат со нивните претставници.
„Вие знаете дека законите не може да бидат во колизија едни со друг и овој закон мора да се усогласи со Законот за административните службеници. Конкретно, статусот на вработените во судовите и јавните обвинителства, како посебни административни службеници се оние што непосредно работат на судски и на обвинителски предмети и тука се прави таа динстинкција околу статусот. Тој статус го влечеме од генералниот закон и мора да бидеме усогласени. Мора да се нагласи дека во член 166 е наведено дека вработените не го губат ниту едно право кое го стекнале врз основа на досегашните закони и тие права им се загарантирани. Точно е дека одредени одредби се избришани, меѓутоа тоа е така затоа што истите се регулирани со други закони, односно со Законот за административни службеници. Морам да нагласам дека дел од Реформската агенда беше и зголемување на платите на судските и јавнообвинителските службеници, меѓутоа истата таа цел е постигната со склучување на колективните договори и тоа е прифатено од Европската комисија. Она што е побарано дополнително е правата од колективните договори да бидат инкорпорирани во одредбите во овој закон и токму тоа е направено во платите“,
кажа Ален Деребан.

Тој посочи дека брзината со која законите се доставени во Собрание е поради реформската агенда, односно крајниот рок за донесување на овие закони.
„Слушнав многу критики и забелешки, добар дел се прифатливи и токму оваа јавна расправа ќе помогне да бидат преточени во амандмани и тие да бидат усвоени на наредната амандманска расправа“,
рече Деребан.
Претседателот на собраниската Комисија за политички систем, пратеникот Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека внимателно ќе се разгледаат сите сугестии и дека ќе го искористи крајниот рок за второ читање на комисија, да ја свика во понеделник со цел да се направат пошироки консултации во поглед на тоа што може да биде прифатено и ставено во рамки на законите.
На седницата присутни беа и други членови од надлежната собраниска комисија. Тие не кажаа ништо во текот на јавната расправа. Дел од нив, за време на излагањата на претставниците од судската и јавнообвинителската служба, повеќе внимание посветија на своите мобилни телефони.

