Синдикатот на Клинички центар ги повикува надлежните да ги повлечат здравствените работници од избирачките одбори
Со ангажирањето здравствени работници во избирачките одбори кои ќе ги посетуваат домовите на лицата болни од ковид-19 или оние кои се во самоизолација, се ризикува да се доведе здравствениот систем до колапс, предупредуваат од Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар.
Во соопштение до јавноста посочуваат дека за нив е неприфатлива одлуката вработени во јавните здравствени установи, вклучително доктори и медицински сестри во овие моменти да бидат вклучени во избирачки комисии и одбори.
„Министерот за здравство, поради недостиг и истрошеност на здравствен персонал донесе колеги од другите градови да помогнат во работниот процес во Градската општа болница „8 Септември и во Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. Спротивно на тоа се носи одлука дел од здравствениот персонал од Скопје да биде вклучен во изборниот процес што потенцијално може да придонесе до поголем недостиг на здравствен персонал. Претседателот на ДИК вели дека имал разбирање и ги оправдувал здравствените работници, но не било законски да се изврши замена и дека како и сите други ќе морале да поднесат барање за изземање од општинските изборни комисии за да може да се одговори на нивните барања,
стои во соопштението.
Оттаму ги повикаа надлежните институции преку системско, а не поединечно решение да ги повлечат вработените во здравствените установи од избирачките одбори и комисии.