Андоновски рече дека и граѓаните ќе можат да придонесат во проектот преку прикачување сопствена дигитализирана литература, магистерски, докторски и стручни трудови

Македонија следната недела ќе го промовира својот прв центар за вештачка интелигенција наречен „Везилка“. Овој капитален проект има за цел развој на сопствен, голем македонски јазичен модел кој ќе ги заштити и соодветно ќе ги позиционира македонскиот јазик, култура и идентитет во дигиталниот свет.
Ова го најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски за време на своето гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, каде што ги презентира чекорите што државата ги прави во сферата на напредната технологија и дигитализацијата.
Проектот „Везилка“ е насочен кон комплетна дигитализација на македонскиот јазичен корпус. Како што појасни министерот Андоновски, главната цел е да се намали зависноста од странски технолошки алатки, кои во моментов честопати не го препознаваат доволно прецизно специфичниот македонски јазичен, историски и културен контекст.
„Преку овој проект се поставуваат темелите за создавање домашни решенија базирани на вештачка интелигенција, кои ќе бидат во функција на јавниот интерес, образованието, науката, енергетиката, економијата и целокупната дигитална трансформација на државата“,
истакна Андоновски.
Носител на проектот е ФИНКИ, кој за потребите на „Везилка“ веќе воспостави соработка со државни и научни институции со цел да се обезбеди квалитетна и точна база на податоци вклучително и законски и подзаконски акти, стручна литература и други релевантни содржини на македонски јазик. Соработка е воспоставена со Собранието, „Службен весник“, МАНУ, Националната и универзитетска библиотека, како и институтите за македонски јазик и литература.
Андоновски рече дека и граѓаните ќе можат да придонесат во проектот преку прикачување сопствена дигитализирана литература, магистерски, докторски и стручни трудови.
Вредноста на проектот изнесува вкупно 6,5 милиони евра, од кои 1,5 милиони евра се државни средства, еден милион евра се обезбедени од факултетите, а остатокот од буџетот е обезбеден преку поддршка од Европската Унија.
Министерот најави дека до крајот на оваа или почетокот на следната година Македонија веќе ќе има функционален јазичен модел, кој ќе биде понуден како „open-source“ решение за сите домашни институции и компании.
Андоновски додаде дека Министерството веќе работи на подготовка на компактен закон за вештачка интелигенција. Целта на законот не е да ја ограничи или закочи употребата на новите технологии, туку да постави јасни етички и морални стандарди, транспарентност и правила за нивна правилна примена во администрацијата, здравството, земјоделството и културата.
На прашањето за евроинтеграциите и Реформската агенда, министерот нагласи дека со успешното исполнување на предвидените чекори во јуни, Министерството за дигитална трансформација отвора пат за повлекување нови 16,9 милиони евра од ЕУ Планот за раст, наменети за конкретни придобивки на граѓаните и институциите.
