Инаку, владиното соопштение сугерира дека возилата со дипломатски таблички се намерно опожарени
„Како Влада сакаме да испратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран. Државата има капацитет и ќе одговори со целосна сила на институциите и нема да дозволиме поединци да ја нарушуваат репутацијата на Македонија“, се наведува, меѓу другото, во реакцијата од „Илинденска“ број 2
Владата попладнево го осуди опожарувањето на двете дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје, оценувајќи го како вандалски и недозволив чин, очекувајќи брза и ефикасна истрага од надлежните институции и одговорност за сторителите.

Како што се наведува во соопштението од „Илинденска“ број 2, ваквите постапки се напад врз принципите на безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право за кои не смее да има место во демократска држава.
Инаку, владиното соопштение сугерира дека возилата со дипломатски таблички се намерно опожарени.
„Владата најостро го осудува вандалскиот и недозволив чин на опожарување на возила со дипломатски статус во непосредна близина на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Ваквите постапки претставуваат напад врз принципите на безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право и не смеат да имаат место во демократска држава“,
се вели во реакцијата на Владата.
Оттаму наведуваат дека надлежните институции веќе преземаат интензивни марки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителите.
„Како влада сакаме да испратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран. Државата има капацитет и ќе одговори со целосна сила на институциите и нема да дозволиме поединци да ја нарушуваат репутацијата на Македонија“,
се наведува во соопштението.
Од Владата додаваат дека очекуваат брза и ефикасна истрага за целосно расветлување на на настанот и соодветна кривична одговорност за сторителите.
На крајот од соопштението се порачува дека Владата останува цврсто посветена на заштитата на сите граѓани и дипломатски мисии во земјата и на зачувувањето на стабилноста, безбедноста и добрососедските односи.

Екипа на „360 степени“ беше на местото на настанот, а од фотографиите што ги направи може да се види дека станува збор за две возила од марките „киа“ и „сузуки“ со дипломатски регистарски таблички. На коловозот беа забележливи траги од гаснењето на пожарот, а минувачи заинтересирано прашуваа што се случило и правеа фотографии.
Од скопската Противпожарна бригада рекоа дека по брзата интервенција огнот е изгаснат.

На местото можеа да се забележат екипи на Министерството за внатрешни работи (МВР), а вешти лица ги испитуваа причините за пожарот.
На тротоарот пред зградата беа излезени неколкумина вработени од Амбасадата и разговараа со полицијата.
