Од полицијата велат дека во пожарот нема повредени лица, а тој бил изгаснат и се преземаат мерки за расчистување на случајот

Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево потврди дека двете опожарени дипломатски возила се сопственост на бугарската амбасада.
Во одговорот од МВР за „360 степени“ се вели дека пожарот бил пријавен денеска околу 12:13 часот и оти се случил на улицата „Златко Шнајдер“.
„Денеска во 12:13 часот во СВР Скопје е пријавено дека на улицата ’Златко Шнајдер’, пред Амбасадата на Република Бугарија, настанал пожар во две патнички возила“,
велат од полицијата.
Полициските службеници излегле на местото и констатирано е дека делумно биле опожарени патничко возило „киа“ и патничко возило „сузуки“, сопственост на амбасадата.
Во пожарот нема повредени лица, а тој бил изгаснат и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Претходно објавивме дека скопската Противпожарна бригада со тројца пожарникари и едно возило интервенирала во гаснење на двата опожарени автомобили.
Додека екипи на МВР вршеа увид на местото, неколку вработени од Амбасадата беа излезени на тротоарот пред зградата и разговараа со полициските службеници.
На прашање од „360 степени“ за тоа што се случило нè упатија за сите информации да се обратиме до Министерството за надворешни работи на Бугарија.
