Доколку се стабилизира на тоа ниво, тоа ќе биде најниската цена на сурова нафта од 4 март, само неколку дена по почетокот на израелско-американските напади врз Иран
Според поголемиот дел од аналитичарите, за да се нормализира состојбата со протокот на нафта низ Ормускиот Теснец ќе биде потребно извесно време, што ќе се рефлектира и на цените на нафтата кои, велат, уште подолг период ќе останат високи, односно над нивото што беше пред почетокот на војната
Цените на суровата нафта на светските пазари паднаа за околу четири проценти по објавата на американскиот претседател дека е постигнат мировен договор со Иран и дека Соединетите Држави ќе ја прекинат поморската блокада на иранските пристаништа во замена за слободен проток на комерцијалниот сообраќај низ Ормускиот Теснец, пренесуваат светските медиуми.

Како што пренесува Си-ен-ен, цените на суровата нафта од типот „брент“, глобален репер за нафта, паднаа за 3,9 проценти, и таа се продава за околу 84 долари за барел, додека цената на американската сурова нафта бележи пад за 4,8 проценти и изнесува 81 долар за барел.
Доколку се стабилизира на тоа ниво, тоа ќе биде најниската цена на сурова нафта од 4 март, само неколку дена по почетокот на израелско-американските напади врз Иран.
По најавите и очекувањата за постигнување рамка за мировен договор меѓу САД и Иран, цената на нафтата во петокот падна под 90 долари за барел, што беше првпат од првата недела на војната, пишуваат американските медиуми. Сепак, како што наведува Си-ен-ен, „црното злато“ има уште долг пат пред себе додека да се врати на цената под 70 долари за барел, по која се продаваше пред САД и Израел да ги започнат нападите врз Иран на 28 февруари.
Светските пазари реагираат позитивно на очигледниот напредок со ситуацијата на Блискиот Исток, но ќе имаат уште многу пред себе за го вратат протокот на сурова нафта во нормала. Доколку работите одат според планираното, она што треба да уследи по потпишувањето на договорот е деминирање на Ормускиот Теснец, за да можат бродовите слободно да влегуваат и излегуваат од еден од најзначајните поморски патишта, потоа производството на нафта на Блискиот Исток, исто така, треба целосно да се врати на потребниот капацитет, резервите на нафта за итни случаи треба да се наполнат, а оштетените енергетски капацитети да се поправат.
Според поголемиот дел од аналитичарите, за да се постигне сето тоа ќе биде потребно извесно време, што ќе се рефлектира и на цените на нафтата кои, велат, уште подолг период ќе останат високи.
Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа на социјалните мрежи објави дека е финализиран мировниот договор со Иран, а потврда стигна и од официјален Техеран, од каде што соопштија дека се очекува тој да бдие потпишан в петок во Швајцарија.
И Трамп и заменик-министерот за надворешни работи на Иран за правни и меѓународни работи сигнализираа дека блокадата на пристаништата на Иран од страна на САД ќе биде отстранета. Трамп, исто така, рече дека мините ќе треба да се отстранат од Ормускиот Теснец, низ кој минува речиси една петтина од светското производство на нафта и течен природен гас.
Но, дури и откако теснецот ќе биде повторно отворен, ќе биде потребно време за целосно враќање на трговијата со нафта во нормала. Нафтените бунари на Блискиот Исток беа во голема мера затворени за време на војната и можеби ќе бидат потребни недели за да се зголеми производството откако повторно ќе бидат вклучени во процесот. Експертите, исто така, предупредуваат дека бунарите можеби нема да бидат способни за нивоата на производство пред војната.
Дел од аналитичарите стравуваат дека цените на суровата нафта повторно би можеле да пораснат доколку прекинот на производството продолжи подолг период, а стратешките резерви во меѓувреме се исцрпат.
Истовремено и пазарите би останале воздржани околу понатамошно намалување на цените, сè додека Ормускиот Теснец не биде целосно отворен и танкерите не почнат редовно и безбедно да транзитираат.
„Одлично ќе биде ако тоа се случи, но ќе поверувам кога ќе видам вистински бродови како слободно и непречено минуваат низ теснецот“,
вели Џо Мекмонигл, претседател на тинк-тенкот „Глобален центар за анализа на енергија“, кој живее и работи во Саудиска Арабија, за Си-ен-ен.
