Дератизацијата се спроведува на повеќе локации во Капиштец, Дебар Маало, Буњаковец и Кале, каде што во последно време има зголемени пријави од граѓани за појава на глодачи
По зголемена појава на глодачи на неколку локации во централното подрачје на Скопје, денеска и утре се врши вонредна дератизација. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека во акцијата ќе бидат опфатени локации во Капиштец, Дебар Маало, Буњаковец и Кале.

„По пријавите од граѓаните за зголемена појава на глодачи, веднаш реагираме на терен. Ќе ја следиме состојбата и во наредните денови и, доколку има потреба, ќе реагираме и на други локации. Ги повикувам граѓаните да продолжат да ни пријавуваат каде што има проблем, за да можеме навреме да постапиме“,
порача Герасимовски во објава на Фејсбук.
Дератизацијата се спроведува на повеќе локации во Капиштец, Дебар Маало, Буњаковец и Кале, вклучително околу контејнери, шахти, кај пазарчето во Буњаковец, на потегот од основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ до Амбасадата на Грција, како и кај бараките на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ и во близина на објектите на Институтот за спортска медицина и Царинската управа кај Кале.
Општина Центар апелира на внимателност до граѓаните при движење на посочените локации додека трае акцијата.
