„ЕУ треба да подразмисли околу методологијата на преговорите. Не може тоа да биде ‘молчи и слушај’. Како постар брат и помлад, или богат и сиромашен. Не. И кандидатите, и кандидатите за кандидати имаат што да кажат. Е, какви се тие преговори кога вие мене ми велите – eве ја рамката, спроведете ја, сменете го Уставот оти ние сме внатре, ние сме ексклузивно друштво, а вие чекате? Не. И на ЕУ исто така ѝ требаат длабоки реформи“, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за МИА

Треба да ги охрабриме граѓаните дека европските принципи и вредности, тие што се зацртани, а што не се почитуваат во конститутивните акти, дека се и македонски принципи и вредности, дека и овде можеме да функционираме на ист начин. Вака претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одговара на прашањето – како да се спречи граѓаните да ја изгубат вербата во европската перспектива.
Во интервју за МИА, зборувајќи за нејзините средби и посети во контекст на нашите евроинтеграции, претседателката рече дека е време за политика заснована на докази.
„Ако вие укажете пристојно, културно, со аргументи, дека имате забелешки на некои решенија, дека тие решенија не кореспондираат со филозофијата на Европската Унија, дека тие решенија не се прифатливи за повеќето од граѓаните, тогаш мислам дека ќе размислат, ако не самите тие, тогаш нивните соговорници. И затоа јас честопати говорам дека е време за политика заснована на докази“,
вели Сиљановска-Давкова.
Таа смета дека во меѓународната политика државата не смее да се однесува фрустрирано и субмисивно, како што вели, мала држава, мал претседател, па мора секогаш да послушаме.
„Вие мора да ги изнесете националните интереси, ставови и да ги браните. Таков ќе биде и односот кон вас, се разбира, доколку го заслужувате тој однос и доколку сте рамноправни со нив во разговорот“,
смета таа.
Сиљановска-Давкова рече дека кога таа настапува, ги кажува нештата така како што мисли дека се и никогаш не заборава кого претставува.
„И затоа јас честопати говорам дека ЕУ треба да подразмисли околу методологијата на преговорите. Не може тоа да биде ‘молчи и слушај’. Како постар брат и помлад, или богат и сиромашен. Не. И кандидатите, и кандидатите за кандидати имаат што да кажат. Е, какви се тие преговори кога вие мене ми велите – eве ја рамката, спроведете ја, сменете го Уставот оти ние сме внатре, ние сме ексклузивно друштво, а вие чекате? Не. И на ЕУ исто така ѝ требаат длабоки реформи“,
смета Сиљановска-Давкова.
