Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека тој лично го наредил пресретнувањето на танкерот. Британското Министерство за одбрана соопшти дека бродот ќе биде задржан и надгледуван по должината на јужниот брег додека трае истрагата

Британските вооружени сили пресретнаа руски танкер за нафта од тајната флота кој се обидувал да помине низ Англискиот Канал. На бродот „Смиртос“ се качиле британски командоси и посебно обучени полициски службеници од Националната агенција за борба против криминалот, соопшти британското Министерство за одбрана.
Оттаму велат дека бродот ќе биде задржан и надгледуван по должината на јужниот брег додека истрагата продолжува и додаваат дека мерките за спроведување на законот во британските територијални води се спроведени во согласност со домашното и меѓународното право.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека тој лично го наредил пресретнувањето.
„Оваа успешна операција ѝ задава уште еден удар на Русија и ги потсетува оние кои ја поттикнуваат војната на Путин во Украина дека нема да им дозволиме да се сокријат“,
напиша Стармер во објава на Икс.
Изразот „Тајната флота“ се однесува на мрежа од стотици стари танкери со нејасна сопственост што Русија ги користи за да ги заобиколи западните санкции и ограничувањето на цената на нафтата.
