Иницијативата ја покрена десничарската, евроскептична Швајцарска народна партија (СВП), која има две места во седумчлената влада и најголема пратеничка група во парламентот. Во Швајцарија бројот на жители забрзано расте и минатата година во таа земја живееле 9,1 милион луѓе, од кои повеќе од една четвртина немаат швајцарски пасош. Статистичарите предвидуваат дека бројот на жители околу 2040 година ќе достигне десет милиони, пишуваат швајцарските медиуми

Швајцарците в недела, на 14 јуни, гласаат на референдум за иницијативата со закон да се ограничи бројот на жители на десет милиони и владата да се обврзе со таа цел во иднина поригорозно да управува со миграциите, а доколку биде потребно, да ги раскине и договорите за слобода на движење со Европската Унија.
Иницијативата ја покрена десничарската, евроскептична Швајцарска народна партија (СВП), која има две места во седумчлената влада и најголема пратеничка група во парламентот. Во Швајцарија бројот на жители забрзано расте и минатата година во таа земја живееле 9,1 милион луѓе, од кои повеќе од една четвртина немаат швајцарски пасош. Статистичарите предвидуваат дека бројот на жители околу 2040 година ќе достигне десет милиони, пишуваат швајцарските медиуми.
Иницијативата на СВП, што се состои од неколку фази, предвидува дека во моментот кога ќе се достигне бројката од 9,5 милиони, ќе се ограничат правото на азил и правото на спојување на семејствата. Во швајцарскиот устав веќе пишува дека Швајцарија самостојно управува со миграциите и дека ги ограничува со годишни квоти и контингенти. Меѓутоа, таа уставна одредба не се однесува на договорот за слобода на движење со ЕУ. Со достигнување на границата од десет милиони, швајцарскиот парламент би морал да примени драстични мерки во кои спаѓа и раскинување на тој договор со ЕУ што датира од 2002 година.
Воведувањето строги гранични контроли најмногу би погодило околу 415 000 граѓани од земјите на ЕУ кои секојдневно патуваат на работа преку границата во Швајцарија, главно од Италија, Франција и Германија. Само од Германија секојдневно, поради стабилната економија и привлечните плати, на работа во Швајцарија патуваат 65 000 луѓе, пишува „Берлинер моргенпост“, додавајќи дека во Швајцарија трајно живеат околу 339 000 Германци. Исчезнувањето на правото на слободно движење за странците од ЕУ би значело и губење на правото на слободно населување и избор на работно место во Швајцарија. Истовремено, и здруженијата на Швајцарците во дијаспората предупредија дека укинувањето на слободата на движење би ги загрозило и правата на околу 480 000 Швајцарци кои живеат во ЕУ.
Покрај економските последици, успехот на иницијативата би го довел во прашање и билатералниот пат на Швајцарија и ЕУ, а неизвесно е и како би одговорил Брисел, пишува Фондацијата „Конрад Аденауер“. Односите меѓу ЕУ и Швајцарија се регулирани со повеќе од 120 билатерални договори. Фондацијата пишува дека укинувањето на правото на непречено движење и вработување на луѓето автоматски би ги активирало клаузулите за раскинување на билатералните договори со ЕУ за копнен и воздушен сообраќај, за јавни набавки, за укинување на трговските пречки и за трговија со земјоделски производи. Загрозен би бил и опстанокот на Швајцарија во Шенген зоната, како и нејзиното членство во Даблинскиот договор за азил, а швајцарските стопанственици стравуваат и за иднината на нејзиниот слободен пристап до единствениот пазар на ЕУ, каде што оди 50 отсто од вкупниот швајцарски извоз.
СВП е осамена во својата иницијатива, со исклучок на малата партија Федерална демократска унија (ЕДУ). На предлогот се противат мнозинството во владата, сите останати партии и стопанството. Тие укажуваат дека реализацијата на планот на СВП би ја загрозила не само економијата на земјата, која зависи од странска работна сила, туку и нејзиниот здравствен систем, јавниот превоз, угостителството и трговијата. Во анкетата која меѓу 19 и 27 мај опфати 19 400 Швајцарци, против предлогот на СВП се изјасниле 52 отсто, додека 45 отсто биле „за“, а останатите биле неопределени.
